Со концерт и меѓународна конференција одбележани 100 години бугаристика во Братислава
Со меѓународна научна конференција и свечен концерт на вокалниот квартет „Светоглас“, во Братислава на 15 и 16 октомври беа одбележани 100 години од академското изучување на бугарскиот јазик на Универзитетот „Коменски“, соопшти Амбасадата на Република Бугарија во Словачка.
Настаните ги организираа Филозофскиот факултет на Универзитетот „Коменски“ и бугарската амбасада, во партнерство со Бугарскиот културен институт во Братислава.
На свеченоста беа одликувани научници за нивниот придонес во развојот на бугаристиката во Словачка. Проф. Марија Добрикова, доајен на бугаристиката во земјата, доби златен медал од универзитетот. Универзитетски признанија добија и професорките Маринела Младенова и Миглена Паланска, а постхумно со златен медал беше одликуван бугаристот и преведувач Јан Кошка.
Бугарската амбасадорка Снежана Јовева-Димитрова во своето обраќање истакна дека јубилејот има значење и надвор од академската средина.
„Оваа значајна годишнина не е само празник за академската заедница, таа е празник за сите Бугари во Словачка, за учениците и наставниците во бугарското училиште ‘Хр. Ботев’, за студентите и специјализантите, за словенската заедница во целина“, рече Јовева-Димитрова.
Меѓународната конференција беше посветена на бугарско-словачкиот меѓукултурен дијалог и се одржа под покровителство на амбасадорката и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Маријан Зоухар. Бугарскиот јазик се изучува во рамките на Катедрата за словенски филологии на факултетот.
На пленарните сесии проф. Добрикова говореше за бугаристиката во Братислава, проф. Љубица Харбуљова за дејноста на проф. В. Погорелов во градот, а проф. Владимир Пенчев за улогата и придонесот на меѓународниот интердисциплинарен проект посветен на бугарската заедница во Словачка.
На концертот квартетот „Светоглас“ изведе програма со православни духовни песнопенија, изворни народни песни и повеќегласни дела.
„Таинственоста на бугарската полифонија го претвори јубилејното чествување во средба со богатството на нашето национално музичко и културно наследство“, истакна амбасадорката.
Признанија од бугарското Министерство за образование и наука добија словачките професори Антон Елиаш, Јарослав Шушол, Павол Жиго, Мирослав Војтех и Маријан Зоухар.
Почесни признанија од министерот за надворешни работи на Бугарија им беа доделени на доц. Игор Хохел, за придонесот во популаризацијата на бугарската литература и култура во Словачка, и на Диана Добруцка, за долгогодишниот придонес во зачувувањето на бугарскиот национален идентитет во земјата.
На крајот од свеченоста, учениците од бугарското средно училиште „Христо Ботев“ во Братислава заедно со членовите на „Светоглас“ ја изведоа песната „Убава си, моja горо“, на стихови од Љубен Каравелов.
Одбележувањето на јубилејот започна во септември со изложбите „Древните богатства на Бугарија“ и „Бугарските споменици на листата на УНЕСКО“, поставени во атриумот на Универзитетот „Коменски“. Иницијативите беа реализирани со поддршка од „Метро-Словачка“, а медиумски партнер беше Бугарското национално радио.
