| |

Бугарија со 6 GW капацитет за складирање енергија го менува регионалниот пазар

Брзиот развој на системите за складирање енергија во Бугарија значително го менува домашниот и регионалниот пазар на електрична енергија. Годинава земјата достигнала капацитет за складирање од 6 GW, во споредба со побарувачката од 7,4 GW, пишува грчкото издание Newsit, пренесе БГНЕС.

Во третиот квартал бројот на часови со негативни големопродажни цени на електричната енергија се намалил од 55 на 17 во споредба со истиот период минатата година, додека часовите со цени над 300 евра/MWh се намалиле од 20 на шест. Истовремено, извозот на електрична енергија од Бугарија се зголемил повеќе од двојно, особено во попладневните часови, според аналитичарот на Montel Андреа Љубланак.

Според извештај на BNEF, разликата меѓу минималната и максималната дневна големопродажна цена годинава е близу 160 евра/MWh во Грција и нешто пониска во Бугарија. За проектите за складирање енергија долгорочно е потребна разлика од околу 85 евра/MWh за да постигнат поврат од 10 проценти.

Bloomberg очекува приходите од батериските системи дополнително да се зголемат со приближувањето на зимата. Цените на природниот гас се близу највисоките нивоа во последните четири години, додека растечкиот капацитет на ветерните и соларните паркови во Европа предизвикува силни падови на цените во периодите на високо производство од обновливи извори. Како резултат, се зголемува разликата меѓу највисоките и најниските цени на електричната енергија во текот на еден ден.

Слични Објави