(Галерија) Претставата „Богот на масакрот“ на Народниот театар „Иван Вазов“ беше испратена со бурни овации од скопската публика
Претставата „Богот на масакрот“ на Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија синоќа беше изведена пред скопската публика во рамките на 20-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи“.
Претставата предизвика силни реакции кај публиката, која на крајот ги испрати актерите со долготраен аплауз и овации. Публиката дури трипати ги врати на сцената актерите Александра Василева, Радена В’лканова, Владимир Карамазов и Јулијан Вергов, кои ги толкуваат улогите во претставата.
„Богот на масакрот“ ја следи средбата на две брачни двојки кои се собираат за да разговараат за конфликтот меѓу нивните единаесетгодишни синови, при кој едното момче со стап му скршило два заба на другото. Разговорот, кој започнува навидум цивилизирано, постепено се претвора во жестока пресметка во која учтивоста им отстапува место на гневот, меѓусебните обвинувања и агресијата. Така, под маската на доброто однесување постепено излегува на површина примитивната страна на ликовите.
Режисер на претставата е Антон Угринов. Сценографијата и костимите се дело на Никола Тороманов, а музиката е на Калин Николов.
За своите улоги во претставата, Александра Василева и Радена В’лканова беа номинирани за наградите „Аскеер“ во 2017 година во категоријата водечка женска улога – Василева за улогата на Анет Реј, а В’лканова за улогата на Вероник Улие. Владимир Карамазов беше номиниран за „Аскеер“ 2017 во категоријата водечка машка улога за ликот на Ален Реј.
Гостувањето на Народниот театар „Иван Вазов“ беше дел од програмата на јубилејното 20. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи“, а реакцијата на публиката ја вброи оваа театарска вечер меѓу впечатливите настани во фестивалската програма.






