| |

Бугарија има потреба од два специјализирани спасувачки брода во Варна и Бургас

Бугарија има потреба од два специјализирани спасувачки брода, базирани во Варна и Бургас, смета волонтерското спасувачко здружение „Булсар“, кое учествува во координацијата на операции за пребарување и спасување лица во опасност на море. Прашањето за подготвеноста на земјата да реагира при тешки поморски несреќи станува сѐ поактуелно по зачестените инциденти во Црното Море, јавува БНТ.

Последниот бугарски специјализиран спасувачки брод „Перун“ беше исечен за старо железо пред шест години, а Бугарија нема спасувачки брод од 2007 година.

Според претседателот на Управниот одбор на „БУЛСАР к.д.п. Никифор Герчев“, капетан I ранг во пензија Камен Кукуров, новите бродови треба да бидат приспособени за дејствување во тешки морски услови и на голема оддалеченост од брегот.

„Таков еден брод треба да биде многу способен за пловидба, стабилен на море при високи бранови и со голем радиус на дејствување. Маневрирачки, како што беше „Перун“. Така што да може да оперира далеку од бугарскиот брег“, изјави Кукуров.

„Перун“ обезбедувал операции за пребарување и спасување во целиот регион на Црното Море, располагал со моќен противпожарен систем и се користел при потонати бродови и потрага по луѓе. Според поранешниот капетан на бродот Пејчо Манолов, спасувачките операции бараат обучен кадар и однапред разработени планови за дејствување во зависност од видот на инцидентот.

Кукуров нагласи дека речиси една третина од акваторијата на Црното Море е бугарска зона на одговорност за пребарување и спасување.

„Близу 1/3 од акваторијата на Црното Море е бугарската зона на одговорност за пребарување и спасување. Ние имаме преземено обврска пред Меѓународната поморска организација за опслужување на овој реон. Така што два големи спасувачки брода се целосно неопходни“, изјави тој.

Во моментов нема обезбедени средства за набавка на такви бродови. Специјалистите затоа повикуваат Бугарија да аплицира за европско финансирање.

Слични Објави