Ненси Шилер за 24 часа: Бугарите постигнувате неверојатни нешта, ќе ги донесам внуците за да им ги покажам
Најголемото достигнување на Фондацијата „Америка за Бугарија“ во изминатата деценија е создавањето силна заедница од луѓе и организации кои сакаат Бугарија да биде подемократска, потранспарентна и подобро место за живеење, изјави Ненси Шилер во интервју за бугарскиот дневен весник 24 часа по повод повлекувањето од раководната функција во фондацијата.
Шилер, која живее во Бугарија 10 години, а професионално е поврзана со земјата вкупно 35 години, оцени дека фондацијата помогнала да се изградат мостови меѓу бизнисот, невладините организации, дипломатите, граѓаните и волонтерите.
„Од сите достигнувања во моите 10 години, ова е најголемото – дека постои силна заедница од луѓе кои навистина сакаат да ја направат Бугарија подемократска, потранспарентна и уште подобро место за живеење“, рече таа.
Според Шилер, Бугарија значително се променила од нејзината прва посета во април 1992 година, особено во инфраструктурата, образованието и отвореноста на луѓето кон светот. Таа оцени дека Бугарите понекогаш го потценуваат сопствениот напредок.
„Бугарија е млада демократија, а вие постигнувате неверојатни нешта. Мислам дека понекогаш Бугарите се склони да ги потценуваат своите успеси и напредок“, изјави Шилер.
Фондацијата досега поддржала повеќе од 1.500 проекти. По нејзините зборови, изборот на иницијативите за финансирање се врши преку детален процес, при што се оценуваат ангажираноста на кандидатите, целите на проектите и нивната усогласеност со стратегијата на организацијата, насочена кон приватниот сектор и демократските институции поврзани со него.
Меѓу областите во кои Шилер гледа траен ефект од работата на фондацијата се културното наследство, лидерските програми и локалниот туризам. Таа ги посочи Епископската базилика на Филипопол во Пловдив и обновената поставка во куќата-музеј „Иван Вазов“ во Сопот како примери за проекти што, според неа, поттикнуваат и други да преземат слични иницијативи.
Како еден од проектите со кои најмногу се гордее, Шилер го издвои преобразувањето на детските одделенија во „Пирогов“, реализирано со поддршка од донатори, компании, поединци, државата и медицинските професионалци.
„Успеавме да ја добиеме довербата и поддршката на донатори, компании, поединци, државата и медицинските специјалисти, за да направиме нешто што од темел го менува искуството на секој што ќе го премине прагот на детските одделенија во „Пирогов““, изјави таа.
Според Шилер, примерот потоа бил следен и во други болници, дел со поддршка од фондацијата, а дел без нејзино учество.
Таа истакна дека луѓето во невладиниот сектор кои успеваат да постигнат трајна промена ги издвојуваат посветеноста, упорноста и вербата во мисијата. Како примери ги наведе Антикорупцискиот фонд, независното новинарство и локални иницијативи поврзани со туризмот.
Во однос на соработката со институциите, Шилер изјави дека фондацијата бара партнери кои споделуваат визија за позитивна промена, без оглед на тоа која влада или политичка партија ја претставуваат.
„Нема особено значење која влада или која партија ја претставувате – ако сакате да придонесете за позитивна промена, фондацијата е подготвена да работи со вас“, рече таа.
Шилер нагласи дека „Америка за Бугарија“ е неполитичка и невладина организација и дека не добива финансирање од Владата на САД.
Раководството на фондацијата таа му го предава на амбасадорот Родерик Мур, за кого оцени дека добро ја познава Бугарија и располага со широк спектар на вештини и знаења.
„Мојот совет секогаш е: ‘Слушај повеќе отколку што зборуваш’. Но Род нема потреба од моите совети. Тој добро ја познава Бугарија“, изјави Шилер.
