Бугарскиот храм во Лондон заблеска со нови фрески
Новите фрески во Бугарската православна црква „Свети Иван Рилски“ во Лондон беа свечено осветени на 19 октомври од Западно- и Средноевропскиот митрополит Антониј по повод храмовиот празник, на кој присуствуваа претставници на бугарската заедница во британската престолнина, јавува бугарскиот дневен весник 24 часа.
Храмот беше отворен во февруари 2025 година по обемна обнова, финансирана со значителна поддршка од бугарската држава и со донации. Бидејќи средствата не биле доволни за живописувањето, тројца бугарски зографи – иконом д-р Добромир Димитров, Галин Ганчев и Нели Белева – го обезбедиле својот труд без надомест, а потребните материјали биле купени со донација од Александар Манолев, поранешен заменик-министер за економија.
Тројцата зографи дипломирале со одличен успех на насоката „Иконографија“ на Православниот богословски факултет при Великотрновскиот универзитет. Фреските се изработени во неовизантиски стил, со силикатна техника и со употреба на четири основни бои.
Во знак на благодарност за придонесот во живописувањето на црквата, митрополитот Антониј му врачи ктиторска грамота на Александар Манолев.
Храмот е духовен и културен центар за Бугарите во Лондон. Работата на живописувањето продолжува во преостанатите простори, а за целосно завршување на проектот ќе се бара дополнителна донаторска поддршка.
