Бугарскиот патријарх Даниил ја започна посетата на Света Гора – Атон
На 21 октомври започна првата посета на бугарскиот патријарх Даниил на Света Гора – Атон во својство на патријарх, соопшти Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија на својата фејсбук-страница.
Неговата светост е придружуван од неврокопскиот митрополит Серафим, врачанскиот митрополит Григориј, мелничкиот епископ Герасим, главен секретар на Светиот синод, и левкискиот епископ Климент, викар на митрополитот за САД, Канада и Австралија. Во придружбата се и архимандрит Епифаниј, протосингел на Неврокопската митрополија, протоѓаконот Иван Петков и ѓаконот Симеон Борисов од Врачанската епархија. На пречекот присуствуваше и генералниот конзул на Бугарија во Солун, Антон Марков.
Во раните утрински часови поглаварот на Бугарската православна црква пристигна на Света Гора, позната како Градината на Пресвета Богородица, каде што монасите со векови се молат за простување на гревовите и за спасение на душите, како за себе така и за целиот свет.
Првото место што го посети патријархот беше Кареја, административното седиште на Света Гора. Таму го пречекаа протепистатот, старецот Георгиј од манастирот Ватопед, и Светата заедница, врховниот управен орган на светогорската монашка заедница.
Светата заедница ја сочинуваат 20 претставници на 20-те атонски манастири, кои заеднички управуваат со Света Гора. Во објавата се споменуваат и претставници од манастирите Кутлумуш, Каракал и Ставроникита.
Во соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“, познат како Протат, беше отслужена молитва, по што патријархот Даниил и свештенослужителите се поклонија пред чудотворната икона на Богородица „Достојно ест“.
Во своето обраќање, архимандрит Георгиј ја изрази духовната радост на монасите поради посетата на патријархот.
„Вашата денешна посета е голем благослов за светогорските отци. Вашето доаѓање тука не е само официјална посета, туку и можност да се обноват историските и духовните врски што ја поврзуваат Бугарската црква со Света Гора – Атон“, рече архимандрит Георгиј.
Тој истакна дека Света Гора има посебно место во животот на православието, каде што илјадници монаси низ вековите го посветиле својот живот на молитва, подвиг и стремеж кон совршенство во Христа.
Патријархот Даниил се заблагодари за срдечниот пречек и ја сподели својата возбуда од првата посета на Света Гора и нејзините манастири во својство на патријарх.
„Тука, на Света Гора, самата историја е проткаена со светост. Пресвета Богородица со своите чудотворни икони ги чувала светите манастири, а секое место е осветено од илјадниците подвижници што живееле тука“, рече патријархот Даниил.
Тој ги истакна вековните врски меѓу Бугарија и Света Гора, кои се огледуваат и во стотиците поклоници и доброволни помагачи што ги поддржуваат манастирите.
Патријархот Даниил беше пречекан и од гувернерот на Света Гора, Алкивијадис Стефанос. Бугарската црковна делегација почесно ја придружува милетскиот митрополит Апостол од Вселенската патријаршија, игумен на ставропигијалниот манастир „Света Анастасија Узорешителница“ на Халкидики, во северна Грција.
