| |

Швајцарија и Бугарија разговараа за соработката во правосудството, културата и науката

Швајцарскиот амбасадор во Бугарија, Пјер Хагман, одржа средби со бугарски претставници на кои беа разгледани реформите во правосудството, заштитата на културното наследство и заедничките образовни и научни иницијативи, соопшти Амбасадата на Швајцарија во Бугарија на својата фејсбук-страница.

Со министерот за правда на Бугарија, Николај Најденов, беа разгледани владините приоритети и планови за реформи во правосудниот систем. Во фокусот беа и можностите што ги нуди програмата „Борба против корупцијата и унапредување на интегритетот“, која ја спроведува Министерството во рамките на Швајцарско-бугарската програма за соработка.

На средбата со министерот за култура на Бугарија, Евтим Милошев, се разговараше за претстојното склучување договор за увоз, извоз и враќање на културни добра, заснован врз соодветната конвенција на УНЕСКО.

Беа разгледани и културните проекти што придонесуваат за билатералните односи, меѓу кои музичкиот фестивал и академија „Алегра“, како и можностите за соработка во нови области.

Партнерството во образованието и науката беше тема на средбата со бугарскиот заменик-министерот за образование и наука, проф. Николај Витанов. Разговорите беа насочени кон напредокот постигнат преку заедничките иницијативи, вклучувајќи ги научните истражувања, програмата DOMINO за дуално стручно образование, здравствените програми и соработката со INSAIT, CAS Sofia и CCBRE.

„Нашата соработка продолжува да создава можности, да ги поттикнува иновациите и да ја поддржува следната генерација таленти“, се наведува во објавата на Амбасадата.

На средбите учествуваа и заменичката на шефот на дипломатската мисија Теса Нерини и раководителката на Канцеларијата за вториот швајцарски придонес Инана Гебел-Беш.

Амбасадата посочи дека разговорите се одржале во период кога се одбележуваат „110 години партнерство, солидарност и иновации“ меѓу Швајцарија и Бугарија.

Слични Објави