Над илјада посетители на образовниот саем „Study in Italy“ во Софија
Над илјада посетители привлече изданието за 2026 година на образовниот саем „Study in Italy“ во Софија, на кој италијански универзитети ги претставија можностите за студирање пред бугарските млади и нивните семејства, соопшти Амбасадата на Италија во Бугарија преку објава на Фејсбук.
Настанот се одржа во конференцискиот центар „Интерпред“ во Софија, кој 17-та година по ред беше домаќин на претставници на италијански високообразовни установи. Организатори се агенцијата „Скај-лајнс“ и непрофитното здружение „Уни-Италија“, основано од италијанското Министерство за надворешни работи.
Посетителите добија информации за студиските програми на италијански и англиски јазик, условите за прием, постапките за пријавување, стипендиите и студентскиот живот во Италија.
Обраќајќи им се на младите, италијанскиот амбасадор Марчело Апичела истакна дека студирањето во Италија нуди можности не само за академско образование, туку и за личен и културен развој. Тој го нагласи растечкиот интерес на бугарските граѓани за италијанскиот јазик, посочувајќи го неговото значење за разбирањето на италијанското културно наследство и за пристапот до пазарот на трудот во земјата.
Меѓу учесниците беа Политехничкиот универзитет во Милано, Католичкиот универзитет „Сакро Куоре“, универзитетите ЛУМСА и „Џон Кабот“ во Рим, ИУЛМ во Милано, Универзитетот „Туша“ во Витербо, Универзитетот во Падова, ЛУИС „Гвидо Карли“ во Рим и колеџот „Х-ФАРМ“ во Тревизо.
Беа претставени и установи специјализирани за мода и дизајн, меѓу кои Институтот „Марангони“, Европскиот институт за дизајн (ИЕД), Новата академија за ликовни уметности (НАБА) и „Домус академи“.
Во настанот учествуваа Амбасадата на Италија и Италијанскиот културен институт во Софија, во соработка со Италијанската стопанска комора во Бугарија и „Конфиндустрија Бугарија“. Културниот институт ја претстави својата понуда на курсеви по италијански јазик и култура.
