Бугарската композиторка Марина Великова создаде десет нови дела инспирирани од Антарктикот
Десет нови музички дела од серијата „Звуците на Антарктикот“ ќе звучат од 1 декември. Тие се инспирирани од Ледениот континент. Авторка на композициите е Марина Великова, која веќе четири години активно работи на претставувањето на Антарктикот преку уметноста, информираат од Pearl River Production, пренесува БТА.
Делата „Сеќавањето на ледникот“, „Песната на леопардовата фока“ и „Кружен тек“ ги преплетуваат звуците на ледниците, птиците и ветерот со нежниот звук на атмосферски и акустични инструменти.
„Звуците на Антарктикот“ ги надградува веќе реализираните активности во рамките на проектот „Антарктикот во нови димензии“, кој комбинира различни форми на уметност и медиуми за популаризација на Бугарскиот антарктички институт и работата на бугарските научници на Ледениот континент.
„Досегашните активности ги вклучуваат трите фотографски изложби „Мразовите на Антарктикот“, „Луѓето на Антарктикот“ и „Ехо од Антарктикот“, сликарската изложба „Отпечатоци од Антарктикот“ и серијата интервјуа со учесници во антарктичките експедиции од 2024 година наваму. Изложбите се претставени во Софија, Пловдив, Варна, Тројан, Трјавна и Банско, привлекувајќи внимание со досега невидени глетки и неповторлива природа“, потсетуваат од креативниот тим на проектот.
Марина Великова дипломирала на Музичката академија во Софија, а четири години се усовршувала во Индија. Одржува концерти низ целиот свет, вклучително и во подножјето на Монт Еверест. Свири на ретки и нетрадиционални музички инструменти, меѓу кои тампура и хармониум.
