Жител на Варна со уникатна колекција кибрити
Мартин Илиев од бугарскиот град Варна поседува колекција од околу 6.000 кибрити и кибритени кутии од различни земји и историски периоди, објави Бугарската национална телевизија (БНТ). Меѓу највредните примероци се кибрити од почетокот на XX век и германски примероци од Втората светска војна.

Неговото интересирање за колекционерството започнало во прво одделение, кога забележал дека постарите деца собираат и разменуваат кибрити. Првите примероци ги пронашол во својот дом.
„Оттогаш поминаа речиси 40 години. Ова е мојата страст. Собирав и други работи, колекционирав различни предмети, но кибритите останаа до денес“, раскажува Илиев.
Со текот на годините, покрај поединечни кутии, почнал да собира и цели серии посветени на историски настани, знаменитости и други теми. Меѓу нив е серија за 100-годишнината од ослободувањето на Бугарија, со прикази на споменици и места поврзани со борбата за ослободување.

Најстарите примероци во неговата колекција се произведени меѓу 1906 и 1912 година. Според Илиев, нивната вредност денес достигнува десетици евра, додека германските кибрити од Втората светска војна ги издвојува како најскапи.
Дел од старите примероци ги пронашол во куќи, распрашувајќи се кај повозрасните жители дали чуваат кибрити.
„Кога бевме помали, одевме од куќа до куќа и ги прашувавме бабите и дедовците дали имаат некаде оставени кибрити. Така наоѓав примероци што биле зачувани од многу одамна“, вели колекционерот.
Порано главно се потпирал на познајници што патувале во странство, а денес колекцијата ја збогатува преку интернет и со размена со други колекционери.

Поголемиот дел од збирката се чува во неговата родна куќа во селото Дебнево, каде што има повеќе простор. Кибритите се сместени во кутии и на специјално изработени полици, а дел се наоѓаат во Варна.
„Направив и ѕид со соодветни полици на кои се изложени. Така можам да ги гледам и да им се радувам, наместо само да стојат спакувани некаде“, објаснува Илиев.
Меѓу омилените му се сериите кибрити за лов и риболов, изработени за палење оган во различни услови во природа.
„Кај нив не постои само колекционерска вредност, туку и конкретна практична замисла. Тоа ги прави уште поинтересни за мене“, вели тој.
