Првото издание на образовниот фестивал Eduhack’26 ќе се одржи во Пловдив
На првото издание на образовниот фестивал Eduhack’26 ќе учествуваат 55 тима од цела Бугарија, кои ќе претстават иновативни проекти со вештачка интелигенција. Форумот ќе се одржи на 5 ноември во пловдивската филијала на Техничкиот универзитет – Софија, соопштија од високообразовната установа, пренесува БТА.
Според организаторите, настанот е образовен хакатон и фестивал за вештачка интелигенција, кој обединува млади таленти, наставници, технолошки експерти и претставници на деловната заедница во создавањето иновативни дигитални решенија.
Под мотото „Код: Време – Дигитални визионери во ерата на вештачката интелигенција“, првото издание на форумот ќе стави акцент на практичната примена на вештачката интелигенција во образованието, културата и општествениот живот.
Eduhack’26 собира млади луѓе од 25 населени места од цела Бугарија, кои ќе претстават сопствени дигитални решенија што ги спојуваат технолошките знаења, креативноста и стремежот кон решавање реални општествени и образовни предизвици.
Иницијативата официјално започна на 1 октомври и се спроведува во неколку последователни фази, во кои учесниците имаа можност не само да стекнат нови знаења, туку и да ги применат во развојот на сопствени проекти, појаснуваат домаќините.
„Тимовите поминаа низ онлајн обуки, практични работилници и менторски средби во рамките на програмата Build with AI. Со поддршка од експерти, тие работеа на претворање на своите идеи во функционални прототипови, користејќи современи технологии и алатки за вештачка интелигенција“, наведуваат организаторите.
Настанот го организираат Google Developer Groups Plovdiv, Epoha Online, здружението iSTEB и пловдивската филијала на Техничкиот универзитет – Софија, со поддршка од Google for Education, SiteGround и фондацијата „Клуб Квант“.
