Карлос Насар ја освои четвртата светска титула во кревање тегови со нов светски рекорд
Бугарскиот кревач на тегови Карлос Насар ја освои светската титула во категоријата до 95 килограми на Светското првенство во Нингбо, Кина. Тој оствари вкупен резултат од 415 килограми во двобојот – збирот од најдобрите обиди во тргање и во туркање – поставувајќи нов светски рекорд, јавува БНР.
За 22-годишниот олимписки шампион ова е четврта светска титула, освоена во нова тежинска категорија за него.
Во дисциплината тргање, Насар успешно ги изведе сите три обиди. Најпрвин крена 175 килограми, потоа 180, а во третиот обид совлада 185 килограми и постави светски рекорд. Второто место во оваа дисциплина го освои Казахстанецот Нургиса Адилетули со 182 килограми.
Во дисциплината туркање, бугарскиот натпреварувач започна со успешен обид на 213 килограми. Потоа крена 220 килограми, израмнувајќи го светскиот рекорд во дисциплината. Со тоа стигна до вкупно 405 килограми во двобојот, што во тој момент беше нов светски рекорд.
Во последниот обид Насар крена 230 килограми, поставувајќи нов светски рекорд и во туркање. Со овој резултат го подобри и сопствениот рекорд во двобојот на 415 килограми.
