ВМРО-ДПМНЕ: Фатмир Дехари е симбол за злоупотреба на моќта и понижување на жените – бараме негова оставка
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение до јавноста остро реагира на, како што наведува, скандалозното однесување на градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари.
Во партиското соопштение се наведува дека во јавноста излегле снимки кои, според нив, ја откриваат „одвратната вистина“ за градоначалникот, при што се тврди дека Дехари „малтретирал и сексуално понижувал жени на работното место“.
„Фатмир Дехари ја злоупотребил својата позиција и ова не смее да остане премолчено и неказнето. Ова е срам, навреда и понижување на секоја жена во државата, без разлика на етничката припадност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинуваат дека наместо Дехари да поднесе оставка и да се извини, Демократската унија за интеграција (ДУИ) се обидува да го релативизира случајот, нарекувајќи ги снимките „фабрикувани материјали“ и „монтирани снимки“.
„Тоа е евтин обид на ДУИ да ја замајува јавноста и да го претвори скандалот во етничка сторија. Јавноста ги слушна снимките. Во нив, според она што може да се чуе, вработени жени се принудени да го бакнуваат и да му седнуваат во скут на Дехари. Таквото недолично и некултурно однесување не заслужува никакво оправдување“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија бараат градоначалникот Дехари „веднаш да си поднесе оставка и да се повлече од јавниот живот“, а од ДУИ, особено од жените во партијата, да го осудат ваквото однесување.
„Сите институции, политички партии и здруженија за заштита на жените мора јасно и без компромис да реагираат. Ниту една жена не смее да биде третирана како објект и понижувана. Жените, мајките и ќерките заслужуваат почит и заштита“, завршува соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
