Бугарија ќе распореди осум ловци F-16 Block 70 до крајот на годината
До крајот на годината во Бугарија ќе бидат распоредени вкупно осум борбени авиони F-16 Block 70, а првите два се очекува да слетаат во земјата во наредните недели. Ова го соопшти командантот на бугарските Воздушни сили, генерал-мајор Николај Русев, за време на официјалната церемонија по повод Празникот на авијацијата и Воздушните сили во Софија, јавува БГНЕС.
Во моментов, во авиобазата „Граф Игнатиево“ се наоѓаат четири авиони од првиот договор со САД, од кои еден веќе поминал официјален технички прием. Поради тековната модернизација на базата, леталата се сместени во затворени хангари и привремени засолништа, а изградбата на трајните бетонски засолништа треба да заврши до крајот на годината.
„Сите барања на американската страна во однос на заштитата на класифицирани информации се строго почитувани,“ нагласи ген. Русев, цитиран од бугарското национално радио.
Шест бугарски пилоти веќе ја завршиле својата обука во САД и наскоро ќе летаат во Бугарија под надзор на американски инструктори. Следната година уште седум пилоти ќе заминат на дополнителна обука преку океанот. Во меѓувреме се работи на отстранување на технички дефект кај првиот доставен авион – проблем кој, според Русев, не е по вина на бугарската страна. „Очекувам во рок од две недели авионот да биде целосно поправен, а веднаш потоа и вториот,“ изјави тој.
Командантот не прецизира точен датум кога F-16 ќе го преземат борбеното дежурство, посочувајќи дека тоа ќе се случи дури кога авионите ќе бидат целосно опремени, а екипажите – обучени според стандардите на НАТО.
Воздушните сили на Бугарија веќе имаат потпишано договор за нов противвоздушен ракетен систем, а до крајот на годината се очекува и спогодба за трикоординатни радари. „F-16 е одличен, но скап за одржување авион. Откако сме го купиле, мораме да обезбедиме средства за негово безбедно и редовно користење,“ подвлече ген. Русев.

