|

Над 200 жители на Трубарево опфатени во дводневниот здравствен скрининг

Министерството за здравство во партнерство со Клиниката за пулмологија реализира дводневен скрининг во Трубарево, насочен кон рано откривање на заболувања на дишните патишта. Само во текот на вчерашниот ден биле прегледани повеќе од 100 лица на двата пункта, а осум пациенти се упатени на Клиниката за пулмологија поради хронични состојби за кои подолго време не извршиле контролни прегледи.

Скринингот вклучуваше клинички преглед, мерење на пулс и сатурација, како и проценка на виталниот капацитет на белите дробови. Активноста наиде на исклучително позитивен одѕив, со над 200 прегледани жители за два дена. „Овој скрининг имаше голем одѕив со над двесте прегледани пациенти во два дена и беше навистина добро прифатен од локалното население, и во следниот период продолжуваме да ја следиме состојбата во соработка со Клиниката за пулмологија и сите надлежни институции,“ изјави министерот Алиу.

Според медицинските тимови од Клиниката за пулмологија, кај упатените пациенти биле забележани симптоми како потешко дишење, сува кашлица и чувство на стегање во градите. Покрај тоа, во рамки на прегледите се регистрирани и случаи на висок крвен притисок, при што лицата добиле препорака да се обратат кај својот матичен лекар за дополнителни испитувања.

Акцијата во Трубарево е дел од пошироките активности за превенција и рано откривање на заболувања, а здравствените власти најавуваат продолжување на ваквите активности и во други општини.

Слични Објави