Пет медали за Бугарија на Меѓународната младинска олимпијада по астрономија и астрофизика
Бугарија освои пет медали на Меѓународната младинска олимпијада по астрономија и астрофизика (IOAA-jr), соопшти Здружението на олимписките тимови по природни науки, пренесува Actualno.com.
„Нашите најдобри ученици по астрофизика на возраст под 16 години се враќаат од петтото издание на олимпијадата, кое се одржа во Убон Ратчатани, Тајланд, со еден златен, три сребрени и еден бронзен медал, освоени во конкуренција со учесници од 25 држави“, се наведува во соопштението.
Раководители на тимот се Никола Каравасилев и Александар Куртенков.
Златен медал освои Павел Казаков, ученик во 10. клас во Профилираната природно-математичка гимназија во Стара Загора.
Сребрени медали освоија Виктор Кожухаров, ученик во 9. клас во Националната природно-математичка гимназија, Димитар Павлов и Лев Беленкиј, ученици во 10. клас во Математичката гимназија во Варна.
Бронзен медал освои Кристијан Хана, ученик во 9. клас во Националната природно-математичка гимназија.
Младинската олимпијада е дел од меѓународната заедница на IOAA и им овозможува на најдобрите млади астрономи уште во почетните гимназиски години да ги одмерат своите знаења од астрономијата и астрофизиката.
