Урсула фон дер Лајен во посета на Варна, ќе разговара со бугарскиот премиер Румен Радев
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска, 10 ноември, ќе пристигне во Варна, каде што ќе разговара со бугарскиот премиер Румен Радев за безбедноста во Црното Море и зајакнувањето на регионалната соработка, јави БГНЕС.
Посетата следува по најавата на Фон дер Лајен во Букурешт дека Европската унија ќе обезбеди 50 милиони евра за формирање заеднички центар за поморска безбедност на Бугарија и Романија.
Посетата е дел од нејзината турнеја низ црноморскиот регион, во услови на зачестени напади врз трговски бродови, десетици загинати и исчезнати морнари и зголемени безбедносни ризици.
Разговорите во Варна се очекува да бидат насочени кон поморскиот надзор, заштитата на трговските патишта и критичната инфраструктура, справувањето со хибридните закани и учеството на Бугарија во идниот Црноморски центар за поморска безбедност.
Во рамките на посетата, Фон дер Лајен ќе го посети Високото поморско училиште „Никола Јонков Вапцаров“, каде што е предвидено формирање бугарски координативен центар за црноморска безбедност.
Таа и премиерот Радев ќе се запознаат со капацитетите на установата за поморска безбедност, хидрометеорологија, океанографија, управување со крајбрежјето, квантни комуникации и вселенски технологии.
Предвидена е и билатерална средба во резиденцијата „Евксиноград“, по која во 12 часот ќе се одржи заедничка прес-конференција.
Посетата се одвива во период на интензивни европски преговори за одбранбените трошоци и новиот повеќегодишен буџет на ЕУ за периодот 2028–2034 година.
На 11 ноември Фон дер Лајен ќе ја продолжи турнејата во Турција, каде што ќе учествува на климатската конференција на Обединетите нации COP31 во Анталија.
