Зеленски: Украина и Европа имаат потреба од траен и достоинствен мир
Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати повик за траен мир за својата разурната од војната земја и за цела Европа, во пресрет на преговорите во Вашингтон со европските сојузници и американскиот претседател Доналд Трамп, пренесе АФП, јавува БГНЕС.
„Нашата главна цел е сигурен и траен мир за Украина и за цела Европа. Важно е што динамиката на сите наши средби води токму кон овој резултат. Свесни сме дека не треба да очекуваме Путин доброволно да се откаже од агресијата и новите обиди за освојувања. Затоа, потребен е заеднички притисок – од САД и Европа, како и од сите што го почитуваат правото на живот и меѓународниот поредок“, напиша Зеленски на мрежата Х.
Тој додаде дека „мора да се прекинат убиствата“ и изрази благодарност кон партнерите што работат за постигнување на траен и достоинствен мир.
„Заедно со лидерите на Финска, Обединетото Кралство, Италија, Европската комисија и генералниот секретар на НАТО ги координиравме нашите позиции пред средбата со претседателот Трамп. Украина е подготвена за вистинско примирје и за создавање на нова архитектура на безбедноста. Нам ни е потребен мир“, истакна украинскиот лидер.
