Ива Михаилова тврди дека македонските власти ја задржале нејзината баба на границата кај Делчево
Ива Михаилова од Кочани, која има бугарско државјанство и моментално се лекува во болница во Софија, објави на Фејсбук дека нејзината баба Илинка Кушовска била задржана од македонските власти при влез во Северна Македонија од Бугарија, по што семејството изгубило контакт со неа, пренесува 24 часа.
Според Михаилова, нејзината баба, која боледува од онколошко заболување, била задржана на граничниот премин кај Делчево, а семејството седум часа немало информации за нејзината местоположба.
„Веќе седум часа мојата баба Илинка Кушовска е во неизвесност, откако македонските власти ја задржаа на границата при влез во Северна Македонија од Бугарија. До овој момент не знаеме каде се наоѓа“, напиша Михаилова.
Таа посочува дека последен пат разговарала со својата баба непосредно по нејзиното наводно задржување.
„Гласот ѝ трепереше од страв“, наведува Михајлова, додавајќи дека првично баба ѝ не одговарала на телефонските повици, а подоцна нејзиниот телефон бил исклучен.
Според Михаилова, можно е македонските служби да сакале да ја испрашуваат нејзината баба за тоа каде се наоѓа таа и што прави во Бугарија.
„Јас се наоѓам во болница во Софија и ако македонските служби толку многу сакаат информации за мене, можат директно да ме контактираат или да дојдат во Софија. Немам што да кријам“, напиша таа.
Михајлова смета дека е недозволиво повозрасна жена со сериозно заболување да биде изложена на таков притисок поради нејзините семејни врски.
Таа изрази сомневање дека баба ѝ била незаконски одведена во полициска станица, без за тоа да бидат известени нејзините блиски.
Според нејзините тврдења, адвокатот се обратил до Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија за информации, но не добил одговор за местоположбата на жената.
„Врз која законска основа една држава задржува повозрасна жена со онколошко заболување и не ги известува нејзините блиски каде се наоѓа?“, прашува Михаилова.
Таа упати остри критики до македонските институции и до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оценувајќи дека ваквиот однос претставува сериозно нарушување на основните човекови права и личната слобода.
Михаилова соопшти дека бугарската амбасада веќе е известена за случајот и побара итна интервенција од бугарските власти.
Ива Михаилова е обвинета во судска постапка поврзана со сообраќајна несреќа со смртни последици во Кочани. И покрај изречената забрана за напуштање на Северна Македонија, таа во октомври заминала во Бугарија, каде што била примена на испитувања и лекување во софиската болница „Пирогов“.
