Околу 50 доброволци исчистија и обележаа туристички патеки на планината Влахина во Бугарија
Околу 50 доброволци учествуваа во акција за чистење и обележување туристички патеки на планината Влахина во Бугарија. Иницијативата се организира трета година по ред, со цел подобрување на пристапноста и безбедноста на планинските маршрути, јавува Пиринско.
Активностите беа насочени кон највисокиот врв на планината, Кадијца (1.932 метри), и природната знаменитост Коматински Карпи.
Во рамките на акцијата беше исчистена и обележана кружна патека долга околу 20 километри до врвот Кадијца, со висинска разлика при искачувањето од приближно 700 метри. Дополнително беше уредена и патеката од селото Брестово до Коматинските Карпи и назад, во вкупна должина од околу пет километри.
Доброволците, меѓу кои имаше и жители на општина Симитли, расчистуваа вегетација, поставуваа столбови и нови планинарски ознаки. Најмладиот учесник во акцијата имаше осум години.
Коматинските Карпи се позната туристичка дестинација во регионот, каде што се наоѓа и параклисот „Свети Иван Рилски“.
Организаторите им се заблагодарија на сите учесници и поддржувачи на иницијативата, чија цел е подобрување на условите за планинарење и развој на локалниот туризам.
