| |

Голема солидарност во Софија: Над 100 лица чекаат да даруваат крв за повредените на автопатот „Тракија“

Стотици граѓани се одѕваа на повикот за помош по тешките верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ во Бугарија. Уште од утринава пред Националниот центар за трансфузиона хематологија (НЦТХ) во Софија се создаде долга редица, а повеќе од 100 лица чекаат надвор од дворот на здравствената установа за доброволно и бесплатно да даруваат крв, јавува БГНЕС.

Акцијата за доброволно крводарување ја организираат заеднички Бугарскиот Црвен крст (БЦК), Општина Софија и НЦТХ. Иницијативата ќе трае до 14 часот денеска.

Меѓу оние што чекаат е и 20-годишната Никол Петрова, која првпат дарува крв. Таа вели дека во вакви моменти е исклучително важно луѓето да си помагаат.

„Одлучив дека денес навистина треба да бидеме заедно за Бугарите. Јас не сум од Софија и често морам да патувам по автопатот, како и моите пријатели. Најмногу ме плаши можноста да им се случи нешто толку лошо и затоа сакам да помогнам“, раскажа младата жена за БГНЕС.

Во редицата чекаат и долгогодишни крводарители, кои одвоиле од своето слободно време поради трагедијата. Георги Иванов ја искористил паузата за ручек за да се вклучи во кампањата.

„Тука сум бидејќи сметам дека сите треба да се ангажираме и да даруваме крв – секако, оние што можат. Не дарувам првпат, но досега тоа било само за потребите на семејството“, објасни тој.

Од БЦК ги повикуваат сите граѓани што ги исполнуваат медицинските услови да го поддржат лекувањето на повредените. Крводарители можат да бидат здрави лица на возраст од 18 до 65 години, со телесна тежина над 50 килограми, кои не земале лекови најмалку во последните 48 часа. Задолжителен услов е меѓу две крводарувања да поминале најмалку 60 дена. Во текот на една календарска година мажите можат да даруваат крв до петпати, а жените до четирипати.

Медицинските лица потсетуваат дека заинтересираните треба да бидат одморени, претходно да имаат јадено и да носат документ за лична идентификација. Постапката не се спроведува на празен стомак. На самото место секој кандидат пополнува прашалник за својата здравствена состојба и поминува низ лекарски преглед и претходно испитување. Конечната процена дали некој може да дарува крв ја прави лекар на самото место. Специјалистите ги предупредуваат граѓаните да не ја прекинуваат самоиницијативно веќе пропишаната терапија со лекови само за да учествуваат во акцијата.

Слични Објави