| |

Редици крводарители во Бургас: Граѓаните помагаат да се спасат животи

Повеќе од 100 лица дојдоа уште на првиот ден од крводарителската акција во Универзитетската болница во Бургас, Бугарија, за поддршка на повредените во тешката сообраќајна несреќа на автопатот „Тракија“. Поради вонредната состојба, раководството на болницата организираше продолжено работно време на секторот за крводарување. До крајот на работната недела крводарители ќе се примаат секој ден до 19 часот, јавува БНТ.

Поради исклучително големиот број заинтересирани да помогнат, болницата ги повикува граѓаните што се во можност да го планираат крводарувањето за следните денови, особено за петок. Така ќе се избегне собирање голем број луѓе и ќе се обезбеди порамномерен прилив на крводарители. Не е неопходно сите да даруваат крв во првите часови од акцијата – поддршката е подеднакво вредна и во следните денови и недели.

Во акцијата се вклучија многубројни доброволци, меѓу кои цели семејства и групи пријатели. Особен впечаток остави самоорганизирањето на Спортското училиште „Јуриј Гагарин“ во Бургас. Заменик-директорката Красимира Јакимова прва даруваше крв, а по неа и група ученици што дојдоа заедно со неа. Тие продолжуваат да доаѓаат и денеска, обединети од пораката дека најголемата победа е онаа што спасува човечки живот.

Многу луѓе се јавија и телефонски со понуда да помогнат, а една доброволка од Несебар го понуди својот автомобил за бесплатно да превезува заинтересирани крводарители што немаат превоз до Бургас.

Жителите на Поморие и околните населени места можат да се вклучат и во крводарителската акција што ќе се одржи утре, 12 ноември, во Поморие. Акцијата ќе се одвива од 9 до 13 часот, или додека има заинтересирани, во читалиштето „Просвета 1888“.

Слични Објави