Бугарската претседателка Јотова: Вежди Рашидов го изваја споменот што ја носи славата на Бугарија
Вежди Рашидов безгранично веруваше во моќта на уметноста и создаде цел универзум од вечна уметност. Неговите раце сега почиваат, но со нив тој изваја спомен што ја носи славата на Бугарија и тука и далеку надвор од границите на нашата земја. Ова го изјави претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, за време на оддавањето последна почит на скулпторот, јавен деец, поранешен министер за култура и претседател на 48. Народно собрание.
Многу е тешко да се зборува за Вежди Рашидов во минато време, посочи Илијана Јотова. Ние, обичните луѓе, минуваме низ животот тивко и на прсти, но луѓето како него оставаат зад себе многу длабоки траги, истакна претседателката, нагласувајќи дека прочуениот скулптор оставил траги не само во бронзата, каменот и глината, туку и во човечките односи.
Според шефицата на државата, се разделуваме не само со големиот скулптор, политичар, јавен деец и државник, туку со цела една епоха во бугарската култура, која тој целосно ја исполнувал со своето присуство и својата критичка мисла. Рашидов секогаш ја бараше смислата под површината и под своите раце, кои од суровите материјали не обликуваа само фигури, туку ја доловуваа секоја минута од вечноста, величината на човекот во неговата кревкост, ранливост и болка, посочи Илијана Јотова. Природата и светот му го дарувале талентот сето тоа да го преточи во префинети форми, кои говорат на јазикот на големиот мајстор, талент и творец, каде и да се наоѓаат во светот, изјави претседателката.
Вежди Рашидов веруваше дека културата е столбот на секоја нација и правеше сè што можеше за да ја развива бугарската култура, да ја претставува пред светот и да создава најдобра слика за нашата татковина, посочи шефицата на државата. Според неа, Рашидов влегол и во политичкиот живот на земјата со нему својствените енергија и емоција – „не поднесуваше лажност и понекогаш остануваше неразбран“.
Шефицата на државата нагласи дека Вежди Рашидов им подавал рака на младите творци затоа што верувал во нивниот талент. Според неа, тој ќе остане запаметен како човекот со големо срце, кој верува во човечкото пријателство што никогаш не згаснува.
„Драг Маестро, смртта не може да одземе луѓе како тебе. Ќе продолжиш да бидеш присутен во разговорите на нас што толку многу те ценевме и сакавме. И потајно, дури и кога не си пред нашите очи, ќе продолжиме да се советуваме со тебе“, со овие зборови Илијана Јотова се прости од Вежди Рашидов.
