Бугарија планира да набави до 1.040 воени возила од Италија за најмногу 410 милиони евра
Бугарската влада одобри спогодба со Италија за набавка на воени возила за бугарската армија, со која се предвидува набавка на до 1.040 возила во вкупна вредност до 410 милиони евра, објави „Бугарски воен журнал“.
Документот треба да го потпише министерот за одбрана и ќе воспостави рамка за понатамошна реализација на проектот. Владата го одобри и проектот за инвестициски расходи „Развој на капацитетите за транспортна поддршка на вооружените сили“, кој треба да биде доставен на разгледување во Народното собрание.
Набавката е планирана во две фази. Во периодот од 2027 до 2030 година се предвидува испорака на до 700 возила, заедно со обука на персоналот, техничко одржување и резервни делови. За оваа фаза се предвидени до 290 милиони евра, кои ќе бидат обезбедени преку европскиот финансиски инструмент SAFE.
Во втората фаза, до крајот на 2032 година, треба да бидат набавени преостанатите возила, до достигнување на вкупниот број од 1.040. За оваа фаза се планирани до 120 милиони евра.
Според објавата, новата техника ќе ги прошири можностите за транспортна поддршка на вооружените сили при извршувањето на задачите во рамките на нивните три мисии, вклучително и за превоз на вооружување, техника и материјални средства.
„Проектот предвидува и индустриска соработка со Италија, при што дел од возилата би можеле да се склопуваат во Бугарија со учество на бугарски претпријатија“, наведува „Бугарски воен журнал“.
