Одговорната употреба на вештачката интелигенција во училиштата во фокусот на конференција во Бугарија
Можностите и ризиците од употребата на вештачката интелигенција во образованието и дигиталната благосостојба на учениците беа главни теми на националната конференција „Дигитална благосостојба во училиштето“, соопшти Центарот за развој на човечките ресурси во Бугарија.
Конференцијата ја организираа Центарот и eTwinning Бугарија, во партнерство со Општина Хасково. На настанот учествуваа наставници, директори на училишта, експерти и претставници на образовната заедница.
Учесниците разговараа за тоа како да се искористи потенцијалот на вештачката интелигенција, а притоа да се зачуваат човечката комуникација и самостојното размислување во процесот на учење.
„Вештачката интелигенција може да даде одговор за неколку секунди. Но училиштето треба да ги научи децата да ги поставуваат вистинските прашања“, се наведува во објавата на Центарот.
Меѓу темите беа создавањето здрави навики при користењето технологии, развојот на критичкото мислење и дигиталната писменост, како и вештините за препознавање веродостојни информации. Беше разгледана и улогата на наставникот во дигиталната средина што постојано се менува.
На конференцијата беа претставени и европските можности за размена на искуства, иновации и добри практики преку „Еразмус+“ и eTwinning.
„Вистинската иновација во образованието не е само во воведувањето нови технологии, туку во нашата способност да ги претвориме во алатка за подобро учење, развој и човечка благосостојба“, посочуваат од Центарот.
