С. ДОЛНО ДУПЕНИ- НЕКАДЕ ПОЗНАТО КАКО НАСЕЛБАТА НА ОСЛЕПЕНИТЕ САМОИЛОВИ ВОЈНИЦИ

“Дупени, драго родно место наше,

Огниште татково вековно!

Убаво си, преубаво,

Се те краси.

                                              Владо Јовановски

Селото Долно Дупени се наоѓа во низата на села, кои ѝ припаѓаат на Брсјачката етнографска целина- Долна Преспа. Претставува село од збиен тип, кое во минатото имало околу 634 жители, додека сега активно живеат околу стотина луѓе. Останатите се иселеници во дијаспората и се враќаат за време на летниот период.

Во минатото и во ова село, покрај с.Љубојно кое се наоѓа во негова близина, исто така се организирале Иселенички средби.Првите иселенички средби се одржале во 1989 година и тоа по иницијатива на иселеници од Торонто. Првата иселеничка средба се одржала на 14 јули 1989 година во чест на „Св. Кузман и Дамјан – Св. Врач“, селската слава. На тој ден се собрале голем број мештани како и дојденци од Канада, САД, Австралија и од поранешните европски земји, туристи и бројни посетители од соседните села. Но поради недостиг од финансии и други причини, селото години наназад не организира повеќе иселенички средби.

Селото Долно Дупени се одликува со многубројни знаменитости со голема важност, а имено, споменикот на НОБ, О.У. “Димитар Влахов” каде што се учи  до четврто одделение, куќите од камен кои ве оставаат без здив, локалитетот Маркова нога на самата граница со Грција. Легендата вели дека: “Тоа е местото каде Крали Марко се поткачил за да го види Малото Езеро и толку му натежнал на тврдиот камен што се исцртало неговото стапало долго речиси еден метар.”

За Долно Дупени постојат неколку народни легенди кои се поврзуваат со неговото потекло. Се верувало дека ова село било создадено со населувањето на Самоил и неговите војници, кои биле “издупени” во очите и од таму дошло името Дупени, населбата на ослепените Самоилови војници.

Според мештаните, другата легенда се поврзува со постоењето на некогашни воденици во селото. За водениците се изработувале посебни камења кои биле “дупени” во средина и од таму потекнува името на ова село.

Ова село изобилува со природни убавини, развиен биодиверзитет, бујни ливади, чист воздух со други зборови вистинска “воздушна бања” за сите оние вљубеници во природата.Во близина на селото, се наоѓа и плажата “Dupeni Beach”, која постои од 2000-та година, а пред тоа, кога езерото било во своите “најдобри години” според големина во 1985 година, постоела и друга плажа наречена „Оаза“ и диско наречено по неа. Со самото повлекување на езерото, оваа плажа веќе и не постои. Плажата претставува вистински престол за одмор и релаксација. Некаде е позната и како плажата со најогнените зајдисонца, ситен песок и бистро езеро и најважното среќни луѓе.

Како најкарактеристични обележја со кои се кити селото, би ги издвоила  црквите кои датираат од X, XI, XVII и XX век (св.Богородица,св.Архангел Михаил, св.Ана, св.Кузман и Дамјан, св. Никола, св.Петка итн.)  и ни даваат дознаење за длабоката и тешка историја на нашата земја.

Секоја црква е посебна исткаена приказна, скриена во длабоката шума и претставува вистински рај и спокој на земјата. Од таму, од височините, погледот ви ја дава слободата да ги раширите своите раце и да го прегрнете целото Преспанско езеро и пределот Преспа- мистична, прекрасна и архаична како и целата наша земја Македонија.

Автор: Кристина Паско, етнолог