Над 800 посетители на форумот „Кариера и живот – Зошто во Бугарија?“ во Франкфурт
Над 800 луѓе го посетија четвртото издание на форумот „Кариера и живот – Зошто во Бугарија?“, што се одржа на 15 ноември во Франкфурт, Германија, пренесе БТА. Настанот на иницијативата „Бугарија те сака“ (Bulgaria Wants You), првпат организиран во овој град, ги претстави можностите за вработување, претприемништво и професионален развој во Бугарија.
Генералниот конзул на Бугарија во Франкфурт, Дијана Попова, го истакна значењето на ваквите средби за поврзувањето на Бугарите во странство со татковината. Таа посочи дека во Германија живее една од најголемите бугарски заедници, со многу млади луѓе, студенти и стручњаци со меѓународно искуство.
Бизнисменот Даниел Бачорски зборуваше за можностите и предизвиците за претприемачите во Бугарија. Тој го истакна недостигот од работна сила и наведе дека во неговата компанија за услуги за чистење работат околу 440 лица од Непал, Виетнам и Узбекистан.
Пејачката и претприемачка Луси Дјаковска го сподели искуството од враќањето во родниот Плевен по меѓународната кариера со германската поп-група No Angels. Таа денес е насочена кон сопствен бизнис и развој на локалниот туризам.
Дјаковска ги повика сонародниците да размислат и за придонесот што можат да го дадат во општеството: „Не се враќајте поради економијата на државата. Вратете се за сите оние луѓе на кои сме им потребни“.
