| |

Илинден-време на поделби и омрази

Пишува: Владимир Перев

1.

Илинден во моето семејство беше ден на светост, почит кон светецот, но почит и сострадание кон жртвите паднати за слободата во 1903 година. Имавме и неколкумина кои го носеа името Илија, но чествувањето за нив беше во сенките на мртвите од ‘903-та, пиететот кон оние кои ги ставиле своите животи на олтарот на слободата. Денот почнуваше обично-со одење во црква. Моите одеа во прилепската црква Св. Благовештение, а и повеќето од нашето маало одеа таму. Во тој ден, забележливо беше поголемото присуство на мажи во црквата, за разлика од другите свештени денови, кога поголемиот број беа жените. Потоа сите си доаѓаа дома, се пушташе радиото и речи си во секоја куќа се слушаше и Радио Скопје и Радио Софија наизменично.

2.

Во зората на моето момчештво, некаде во средината на педесетите години од 20-от век, тоновите на изјавите на челниците во Бугарија и Македонија за време на Илинден беа евидентно дисонантни, но не беа воинствени, не беа расистички и беа навредливи во култивирана, прифатлива форма. Немаше бугари-татари, имаше воинствено македонство, но затоа пак, од Радио Софија рамноправно се употребуваа термините македонско/бугарско како една единствена целина. Во Софија некој, како и сега, сѐуште сонуваше за некакво единство и меѓусебно разбирање. Нападите од таму беа насочени кон српската завојувачка политика во Македонија, кон српскиот јазичен и културен империјализам. Да, сосема непотребно за празникот, се споменуваше и Титовиот ревизионизам. Толку!

3.

Лазо Колишевски и партиско-удбашката врхушка околу него го водеше главниот збор на прославите. Уште од првите мигови, евидентно беше настојувањето на македонските првенци, Првиот Илинден ‘903 и Вториот Илинден ’44 (така ги нарекуваа) да бидат изедначени по својата важност, а Крушево и Св. Прохор Пчински да бидат рамноправни во прославата, без да се навлегува во многу детали.

Деталите носат проклетство во себе сѝ! Лесно е да се покажат жртвите во Првиот Илинден, а за виновници да се посочат турскиот аскер и башибозуците од околните села. Тешко беше да се објасни каде се членовите на Вториот Илинден, на нашиот АСНОМ да се појават на прославата. Народот знаеше дека поголемиот број на асномците страдаат уште во првите чистки по ноември 1944 година, за прочистувањето да го достигне својот апогеј есента 1948 па се до некаде средината на 1952 година, кога конечно, преку Голи оток, се расчистува со Информбирото.

4.

Веќе од шеесетите години почнува да се затврднува реториката на македонските раководители. Истовремено, од бугарската страна се слушаат млаки тонови за “величината на бугарскиот народ и саможертва во Илинденско-Преображенското востание“, нешто кое не прави никаков впечаток на Скопје. Кај нас, преку радиото и весниците веќе се говори со друга реторика, се говори за грчкиот монархофажизам, ама најмногу за бугарскиот фашизам и окупацијата на Македонија, за жртвите и паднати борци за слободата, а децата од Ваташа стануваат лајтмотив на секое излагање на високите партиско државни раководители. Главниот тон се става на југословенството и братството и единството на народите во ФНРЈ.

5.

Конфузна е нашата, македонската страна во толкувањето на условите, причините и последиците од Востанието. Тврдиме дека било само и целосно македонско, дека бугарите ни биле непријатели и дека не нѝ помогнале со објава на војна на Турција, или дека не нѝ помогнале со доброволци во борбата. Па ако е така, зошто сме барале само од Бугарија да објави војна на Турција, зошто не сме барале истото од “братските ни“ Србија и Грција. Тогаш и не се споменуваше дека Главниот штаб на Бугарија и нивната дипломатија, јасно им ставиле на знаење на ТМОРО/ВМОРО дека нема да се приклучат официјално во борбите. Како тоа, целото оружје дошло од Бугарија, инструкторите во четите биле од бугарската армија, некои од нив и никогаш не биле во Македонија, муницијата била бугарска, а магацините со оружје и опрема на територијата на Бугарија биле ширум отворени за четите. Тоа ли е непријател. Да не говориме дека по разгромот на востанието, македонското население од опожарените краеви заминува за Бугарија, каде нивните потомци остануваат до денешен ден. Преживеаните четници и војводите, заминуваат сите до еден во Бугарија, за потоа опоравени и наоружани, повторно се вратат во Македонија и повеќето од нив, со херојска смрт по 1903 година, да им се придружат на своите соборци во вечните почивалишта, денес заборавени од многумина нас.

6.

Деновиве, во навечерието на двата Илиндена, го слушаме Мицкоски со неговите недоумици, дали бугарите, покрај тоа што го бараат Гоце Делчев да биде бугарин, утре немало ли да побараат Илинденското востание да биде Преображенско?! Не, нема да побараат, тоа е факт. Се работи за едно единствено востание и единствен лидер до деновите пред востанието. Се работи за Гоце Делчев, бугарскиот офицер, кој ја води ревизионата чета на ВМОРО и врши инспекција, како во деловите на Битолскиот регион, каде се одвиваат дејствијата на Илинденското востание, така и на другиот крај на бугарските етнички територии, на Странџа, каде се дига востанието на Св. Преображение. Да, и да не се заборави, ја врши ревизијата и во Серско, каде треба да се востане на Крстовден. Тоа е истиот Гоце, станува збор за истото востание, за оружјето од истите бугарски резерви, за единственото раководство на единствената организација-ВМОРО. Интригите меѓу двата комитета, Централниот и Врховниот и замешателствата на Царскиот дворец, не ја проблематизираат етничката-бугарска припадност на востаниците и раководството. Дури и оние херои кои имале само некаква половична генетска бугарска врска, како на пример Питу Гули, до крајот на својот живот остануваат верни на она што се нарекува “бугарска кауза“ на револуцијата. Кај Питу Гули тоа се претвора во семејна трагедија со погибијата на неговите синови како припадници на бугарските структури. Ташко-Шула Гули загинува 1913 година како доброволец во бугарските доброволечки единици (ополчението) во Втората Балканска војна, Никола-Лаки Гули е убиен од србите во 1924 година како еден од блиските, најдоверливи соработници на Тодор Александров, а Стерју Гули е соработник на бугарската полиција 1941-1944 година и се самоубива со влегувањето на партизаните во Крушево.

7.

Питу Гули го опеваме во песните и во нашата химна. Гробовите на неговите синови, исто така херои, никој не ги знае. Дури и имињата не им се споменуваат. Како да се срамиме што биле дел од нас, ама сепак биле бугари. Не се срамиме од Јован Бабунски или владиката Петар кој вели дека “најмил му е српскиот народ, дека се чувствува како нивен“.

8.

За Илинденските чествувања, по којзнае кој пат, одново ќе се чита Крушевскиот манифест! Изникна којзнае од каде, обвиен со вел на мистичност, директна потврда на “македонскиот дух на сожителство со другите народи“. Фактички, капитулантски пристап кон она што се очекувало да биде нашата иднина-советска република. Мистичен текст за светлата иднина на работничката класа. Во него се забораваат несреќите на Илинден 1903 година: 994 востаници убиени или ранети, 4694 убиени цивили, 3122 силувани жени, 176 одвлечени некаде жени и девојки, 12 440 опожарени куќи, 70 835 обездомени семејства и над 100 илјади емигрирани во Бугарија. Турците даваат 5328 убиени војници и старешини. Врз македонските пепелишта и крвта на паднатите и невините, некаде по 1955 година се појавува Крушевскиот манифест. Со него, со таа измислица, Лазар Колишевски ја почнува “советизацијата на балканската зона“, појава која трае до денешен ден.

9.

Во суштина, Манифестот за прв пат, во сосема по друга и по опширна форма се појавува во 1924 година на сцената на бугарските театри, во драмата “Илинден“ на Никола Киров Мајски, роднина на Никола Карев и припадник на Федералистичкото движење во ВМРО. Директно е инспириран од Болшевичката револуција 1917 година. Мајски поттикнат од советските пари и ветувања, го пишува текстот на драмата во која сите сѐ “мили комшии и браќа“ во борбата против Султанот. Драмата е објавена и во нашите “Документи од историјата на македонскиот народ“(1981 г.) и таму може да се види оригиналниот изглед на она што покасно станува Манифест. Во тие кругови се врти и најобразованиот во тоа време македонец, Арсени Јовков, но заради продажноста по однос на еден друг манифест, Мајскиот манифест во Виена 1924 година, ја губи главата од атентаторите на ВМРО. Никола Киров Мајски преживува, а драмата и Манифестот тонат во заборав.

10.

Во педесетите години од 20-от век, во Македонија се чувствува потребата од по блиско поврзување на “двата Илиндена“. Некој некаде се сеќава дека Никола Киров Мајски е сеуште жив во Софија, се формираат разузнавачките и политички врски и тој доаѓа во Скопје. Целта е неговиот текст од драмата “Илинден“ да биде преточен во манифест со левичарска содржина, слично како и во 1924 година. Нормално, бугарската политика е согласна, тоа е во прилог на пролетерскиот интернационализам на Москва. Тој слободно доаѓа во Македонија кога “пиле не може да прелета од Бугарија кон нас“. Негов соработник и пријател, единствен во тоа време кој ги познавал тие собитија, станува македонскиот академик Љубен Лапе. Тие двајцата, во домот на Лапе го средуваат текстот и ја уредуваат содржината на Крушевскиот Манифест. Во МАНУ постои фонд на материјали на Љубен Лапе и обемна преписка меѓу него и Мајски, од каде се гледа нивното пријателство и идентичните погледи кон минатото и иднината. Така, фатаморганата станува реалност, Манифестот добива материјална подлога, а врската меѓу двата спротиставени Илиндени, станува блиска, пријателска и разбирлива.

11.

Денес сите историчари знаат дека Манифестот не постои, но ретко кој има храброст тоа да го каже. Многумина барале некаква пишана трага од текст со таква содржина, обнародуван за време на Востанието, кај нас или во Бугарија, ама таков текст нигде нема. Во обичен кафеански муабет, еден сега веќе покоен историчар говореше дека “побрзо ќе го најдеме Светиот Грал, отколку Крушевскиот манифест“…беше во право, тој цел живот го барал.

12.

Постоењето на Крушевскиот манифест е невозможно, затоа што позициите на двата Илиндена се неединствени: Првиот од 1903 година е бугарски, револуционерен и слободарски, Вториот од 1944 година е македонистички, капитулантски и југословенски. Нема манифест кој може да ги обедини тие две собитија од нашата историја.

13.

Пак доаѓа Илинден и пак некој ќе го сее семето на омраза и поделби. Ќе слушаме за бугарските предавства, бугарскиот фашизам, сега збогатено со “свиткана кичма“ (мисли на ‘рбет) и “не се даваме на бугарски диктат“. Колку да се знае, кичмата одамна ни ја има свиткано Белград, а од таму се диктира од 1918 година до денешен ден, целиот политички и економски хабитус на Македонија. Белград, кој никогаш не го чествуваше нашиот Илинден!

Глупава е тезата дека Бугарија сака да ни ја одземе “нашата“ историја. Па сите илинденци беа таму, таму се наоружуваа, таму говореа, пишуваа и пееја на бугарски, некои таму останаа до крајот на животот. Тогаш, а и многу по касно бевме едно. Таму беа сите прослави на Илинден до 1941 година, а Софија, Варна, Пловдив и другите бугарски градови беа домовите на илинденците. Некои членови и на Вториот Илинден го поминаа целиот свој живот на софиските улици, платени со московски пари.

Нашето достоинство се состои од патот кон Европа и исполнувањето на условите на нивните институции…исполнување на Францускиот предлог. Само така Илинден ќе стане денот на нашето единство и прогрес, само така ќе се оддолжиме на крвта на нашите револуционери, крв со која е залеана оваа наша татковина!



Слични Објави