Бугарија планира рекорден буџет од над 107 милиони евра за Министерството за млади и спорт
Со предлог-државниот буџет на Бугарија за 2027 година се предвидени 107,03 милиони евра за Министерството за млади и спорт, јави БГНЕС. Ако предлогот биде усвоен, буџетот на министерството првпат ќе надмине 100 милиони евра и ќе биде највисок од неговото основање во 2002 година.
Предвиденото финансирање е за околу 17,3 милиони евра, односно 19,3 отсто, повисоко од годинашните 89,7 милиони евра. Зголемување е планирано во четири од шесте основни буџетски програми.
Најголемиот дел од средствата е наменет за врвниот спорт – 69,8 милиони евра, наспроти 58,4 милиони годинава. За спортот кај учениците и студентите и за физичката активност во слободното време се предвидени 20,5 милиони евра, што е раст од околу девет отсто.
Најголемо процентуално зголемување е планирано за модернизација на спортските објекти и опремата, од 5,64 на 8,36 милиони евра, односно близу 50 отсто. За младинските активности се предвидени 5,85 милиони евра, што е за над 36 отсто повеќе од годинава.
Финансирањето на програмата за примена на меѓународни добри практики во спортот се намалува за 6,9 отсто, на 347.600 евра. Административните расходи остануваат речиси непроменети и изнесуваат околу 2,18 милиони евра, со намалување од 0,4 отсто.
