(Видео) Бугарија предвидува 45,7 милиони евра за фабрика за вештачка интелигенција
За бугарската фабрика за вештачка интелигенција се предвидени 45,7 милиони евра, соопшти министерот за иновации и дигитална трансформација Иван Василев при претставувањето на буџетските приоритети за 2027 година, пренесе БГНЕС. Инвестицијата треба да обезбеди простор за обучување сопствени модели и поддршка за бугарските истражувачи, претприемачи и технолошки компании.
Министерството во 2027 година ќе располага со буџет од 45,7 милиони евра, околу 3,5 милиони повеќе од годинава. Средствата за иновации и поддршка на бизнисот се зголемуваат за 21 отсто, на 17,3 милиони евра.
По административната реформа и спојувањето на две министерства, трошоците за персонал се намалуваат за два милиона евра, додека капиталните расходи се зголемуваат од 2,3 на пет милиони евра.
„Помалку пари за администрацијата и повеќе пари за иновации и дигитална трансформација. Повеќе пари за системи и технологии“, изјави Василев.
За учество на Бугарија во меѓународни технолошки организации се предвидени дополнителни 2,4 милиони евра. Василев посочи и дополнителни 62 милиони евра за наука и применети истражувања, како и зголемување од 10 милиони евра за средно стручно и техничко образование.
Меѓу приоритетите е и развојот на Европскиот дигитален паричник, за кој во 2027 година ќе бидат обезбедени дополнителни средства. Владата треба неделава да го разгледа предлог-законот за него.
На брифингот беше претставена и платформата „Sigma Budget“, чија цел е на граѓаните да им овозможи разбирлив увид во државните приходи, јавните расходи и финансирањето на политиките.
