| |

(Не)уставна манипулација

Никица Корубин

Кога јавно изречениот збор, за теми кои се однесуваат на фактички прашања, а претставуваат основа на правниот поредок; како што е уставот и неговата историја, и се лесно проверливи факти; ќе наметне наратив широко медиумски поддржан и непридизвикан во името на вистината и објективноста – која треба да биде главна матрица на медиумите – наместо голата пропаганда, тогаш за каква “правна сигурност” можеме да говориме? Кога толку лесно го проблематизираме “главниот” документ со “приказ” на историја која не постои во реалноста.

Па, така наративот за уставот, во добро познатиот манир на “ние сме жртвите на меѓународната заедница”, кој беше изречен од највисок претставник на власта (претседателот) и пренесен без коментар, но со нагласок на “36-те амандмани за 35 (32) години” создаде впечаток на 35 пати сменет устав.

Или како што самата би рекла “во 15 случаи измените на Уставот биле иницирани однатре, а во 21 случај, при промена на Уставот посредувала меѓународната заедница и за тоа треба сериозно да размислиме.” За што да размислиме, за улогата на меѓународната заедница или за “случаите” кои не постојат во тој број, а се посочуваат како “факт”?

Уставот е отворан и затворан, односно променет точно 8 пати. Од кои само 2 може да се третираат како “улогата на меѓународната заедница” – првата промена во 1992 година и последната во 2019 година – и третата за Охридскиот рамковен договор во 2001 година, кој е меѓународно помогнато решение за внатрешен конфликт и де-факто уставно отсуство на загарантирани права.

Но, не поради барањата на меѓународната заедница, туку поради нашето (на заробената држава) одбивање да се интегрира во политичката реалноста на меѓународната заедница во таа 1991 година.

За илустрација, првите промени на уставот во 1992 година се однесуваат на членовите 3 и 49, кои се предмет на Временета спогодба со Грција при Обединетите нации, и истите се уште еднаш дефинирани во Преспанскиот договор и во амандамните од 2019 година. По логиката на “35 промени” треба овие два да ги минусираме бидејќи се повторуваат.

На ист, поразителен начин, како што после 35 години наместо конечно (задоцнето) информирање и соочување на граѓаните со вистината, се повторува старата мантра, која константно ги предизвикува уставот и самата државност.

Инаку, крајно интересно е дека останатите 6 пати, уставот е променет поради интервенции во судската власт, и обвинителска сфера, изборни правила, односно токму оние чувствителни механизми кои до ден денес, во перцепцијата на граѓаните, а и во реалното практикување на “владеење на правото” претставуваат репер за функционирање на државата.

Па, дали тогаш треба да го поставиме прашањето обратно: а, зошто од самиот старт овие клучни сфери не биле добро регулирани, па имало потреба од интервенција? Или тоа “влијание на меѓународната заедница” е неподобно за наративот на “жртви” со кој постојано се притискаат граѓаните?

Значи не постојата никакви “35” променил ниту “15 или 21 случај”. Постојат точно 8 промени (случаи) во кои имало различен број на амандмани, зависно од сложеноста на промените. На пример при интегрирањето на Охридскиот рамковен договор имало 15 амандмани во таа една (1) промена на уставот во 2001 година, а за илустрација при промената на уставот (исто една) во 2005 година која се однесува на судството и обвинителството имало 11 амандмани.

Заклучно со 4-те амандмани (од кои 2 се повторуваат) во 2019 година при интегрирањето на Преспанскиот договор, односно Времената спогодба при Советот на безбедност на Обединетите нации од 1995 година.

На крајот за “уставниот патриотизам” на кој повикува претседателката. Дали е “уставен патриотизам” негирањето на уставното име и прекршување на истиот? Дали е “уставен патриотизам” поттикнување на масовно прекршување на уставот – како лош пример за граѓаните – со флагрантна неупотреба на уставното име од страна на избрани и именувани функциониери согласно истиот устав?

Тоа е акт на толеранција, владеење на правото и “уставен патриотизам” или акт на самоволие со директни штетни последици и по вистината и по реалната политичка позиција на Северна Македонија?

А, за пратениците кои ја сочинуваат највисоката власт во нашиот уставен поредок, законодавната, уставот е светост. Со сите 8 промени, кои биле за подобрување и на нашиот внатрешен правен поредок и нашата меѓународна позиција. И многу веројатно спротивно на вољата на “заробената држава” за која очигледно “меѓународната задница” била единствениот “влијателен фактор” кој можел да ги промени нивните намери.

И, ним, на пратениците, не им треба никакво барање од никого, за исполнување на обврските на државата – уставните промени како услов за имплементирање на преговарачката рамка – бидејќи тие се претставници на “власта на граѓаните”. На сите нас, кои “патриотизмот” 35 години го преживуваме, наместо да го живееме во нормална и европска држава. И единствената правно/политичка причина поради кои преживеавме овие 35 години, како држава се токму тие 8 уставни измени.

Слични Објави