Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев и романскиот европратеник Виктор Негреску во Брисел ја одбележаа претстојната 20-годишнина од членството на Бугарија и Романија во ЕУ
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на својот профил на Фејсбук објави дека заедно со романскиот европратеник Виктор Негреску организирале свеченост во Брисел по повод претстојната 20-годишнина од членството на Бугарија и Романија во Европската Унија. Настанот „20 години членство на Бугарија и Романија во Европската Унија – заеднички пат, заедничка иднина“ се одржал во Европскиот парламент, под покровителство на неговата претседателка Роберта Мецола.

„Заедно со мојот колега Виктор Негреску ја имавме честа во Европскиот парламент во Брисел да го организираме настанот „20 години членство на Бугарија и Романија во Европската Унија – заеднички пат, заедничка иднина“. Настанот се одржа под покровителство на претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.
Би сакал да им се заблагодарам на политичките лидери, преговарачите и државните службеници чија посветеност го овозможи нашето пристапување кон Европската Унија. Посебна благодарност ѝ упатувам на претседателката Роберта Мецола за поддршката. Најмногу, сепак, сум им благодарен на сите граѓани кои со својот избор придонесоа да се оствари нашиот европски сон, за кој минавме низ многу тешкотии.
Еден од највпечатливите моменти на свеченоста беше настапот на оперските пејачи Росен Ненчев и Ирина Бајант. По химните на Бугарија и Романија, тие ја изведоа „Ода на радоста“ на бугарски, на романски и во оригиналната германска верзија – прекрасен музички симбол на нашето европско мото „Обединети во различноста“.
Сакам да споделам неколку податоци за членството на Бугарија во ЕУ. Од 2007 година до крајот на 2025 година, нашата земја уплатила околу 15 милијарди евра во европскиот буџет, а добила речиси 42 милијарди евра. Тоа значи дека за секое уплатено евро сме добиле околу 2,80 евра, односно вкупно 27 милијарди евра повеќе отколку што сме уплатиле.
Промена има и во економскиот развој. Во 2006 година БДП по жител во Бугарија изнесувал само 38,4 отсто од просекот на ЕУ, а во 2025 година достигнал 68 отсто. Кон овие бројки треба да се додадат и многубројните придобивки од членството – слободното движење, пристапот до европскиот пазар и можностите за образование, работа и инвестиции.
По речиси дваесет години членство во ЕУ, со гордост можеме да кажеме дека Бугарија и Романија се дел од Европа и активно учествуваат во градењето на нејзината иднина.
Најдобар доказ за тоа се младите луѓе што ги поканивме на настанот – претставници на првите генерации Бугари родени и израснати во Европската Унија. Секој од нив постигнал значајни успеси во својата област – во математиката, информатиката, биологијата, географијата, лингвистиката или спортот. Кога ги гледам овие млади луѓе, верувам во светлата иднина на нашата Европска Унија.
Членството во Европската Унија ни донесе повеќе можности, слобода, сигурност и перспектива. Не смееме да го земаме здраво за готово. Наша одговорност е да продолжиме да градиме постабилна, мирна и просперитетна Европа.“
