„Ти си ништо, ние сме сè“ – како српските тајни служби ги кршат критичарите на власта со методите на Штази
Српскиот опозициски политичар Ненад Чанак во новата книга „Zersetzung или оперативна обработка на свеста“ тврди дека српските безбедносни служби применуваат методи на психолошки притисок развиени од истoчногерманската тајна полиција Штази, пренесе БГНЕС. Книгата деновиве ја објави сараевската издавачка куќа „Арт Рабик“, откако, според авторот, издавачи во Србија одбиле да ја објават.
Чанак споредува документи од декласифицираните архиви на Штази со сопствените искуства и со сведоштвата на тројца новинари. Германскиот термин „Zersetzung“ означува разградување, а Штази го користела за метод на психолошка репресија чија цел била критичарите на режимот постепено да ги загубат угледот, работата и довербата на блиските и самите да се повлечат од јавниот живот. Според Чанак, слични методи користеле југословенските служби за државна безбедност, а подоцна и српската Безбедносно-информативна агенција (БИА), основана во 2002 година.
Чанак раскажува дека по една прошетка со сопругата и бебето го нашле празен шкафот во кој ги чувале шишенцата и храната за детето. Кога подоцна се вратил дома, сè било на своето место. Авторот го протолкувал тоа како закана кон семејството. „Можеме да дојдеме до твоето дете, до твојата сопруга, до секого од твоето опкружување“, пишува тој, опишувајќи како ја разбрал пораката.
Во книгата се опишани и искуствата на британскиот новинар Лук Хардинг, поранешен дописник на „Гардијан“ од Москва, на новосадскиот новинар и универзитетски професор Динко Грухоњиќ и на истражувачката новинарка Ана Лалиќ Хегедиш. Откако во март 2024 година на интернет се проширила монтирана снимка од јавен настап на Грухоњиќ, тој добил смртни закани и со семејството ја напуштил Србија. Според Чанак, Лалиќ Хегедиш само во истиот месец добила околу 1.200 заканувачки и навредливи пораки.
Чанак ја посочува автоцензурата како крајна цел на притисокот. Според него, стравот од последиците за себе и за своите блиски може да го принуди човек сам да престане да пишува, да зборува јавно и да поставува прашања.
