Наука, технологија и економија во фокусот на разговорите меѓу Бугарија и Индија
Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова, за време на официјалната посета на Делхи, се сретна со својот индиски колега Субрамањам Џаишанкар. Двајцата министри разговараа за усвојување заеднички патоказ за зајакнување на партнерството меѓу Бугарија и Индија за периодот од 2027 до 2031 година, јавува БГНЕС.
Документот ги утврдува насоките за развој на билатералната соработка и за поинтензивен политички дијалог. Министрите разговараа за соработката во економијата, образованието, културата, одбраната, науката и технологијата.
Петрова истакна дека обновувањето на наставата по бугарски јазик на Универзитетот во Делхи може да ја олесни размената на работна сила меѓу двете земји, особено на висококвалификувани кадри во областа на високите технологии. Министрите разговараа и за соработката во рамките на Бугарско-индиската мрежа за наука, иновации, технологија и економија (SITE), како и за партнерствата со „Софија тех парк“ и INSAIT.
На средбата стана збор и за стратешкото партнерство меѓу Европската Унија и Индија, како и за можностите што ќе се отворат со стапувањето во сила на договорот за слободна трговија.
Министрите разменија мислења за војната во Украина и за безбедноста во Црното Море и на Блискиот Исток. Тие нагласија дека безбедноста на трговската пловидба во регионот е од непосредно значење и за Индија, вклучително и за индиските морнари. Разговараа и за меѓународните напори за обезбедување безбедни рути за превоз на храна.
Петрова го информираше Џаишанкар за самитот за поврзаност на кој Софија ќе биде домаќин во пролетта 2027 година, во координација со Европската комисија. Целта на форумот е да ги унапреди транспортните, енергетските и дигиталните врски меѓу Европската Унија, црноморскиот регион, Јужен Кавказ и Централна Азија.
