|

„Сребро“ ја освои главната награда на филмскиот фестивал во Банско

Документарниот филм „Сребро“ на режисерката Наталија Коњаж ја освои главната награда на филмскиот фестивал во бугарскиот град Банско, јавува БНР. Копродукцијата на Полска, Норвешка и Финска го прикажува животот во најстариот рудник во Боливија низ очите на дванаесетгодишниот Јуви.

Меѓународното жири, предводено од полскиот алпинист и снимател Дариуш Залуски, го награди филмот „за исклучителниот документарен пристап и впечатливата снимателска работа, кои со непатворена искреност ја откриваат суровата стварност на животот во рудниците за сребро во Боливија“.

Специјалната награда на жирито ја поделија францускиот филм „Враќање“ и американскиот „Старецот и молњата“. Наградата за сценарио, која го носи името на основачот на фестивалот Петар Атанасов, му припадна на италијанскиот филм „Врвот“ на Симоне Карњони.

За најдобар бугарски филм е прогласен „Тегла на времето“ на режисерката Невена Семова. Филмот го следи секојдневието на Ајше и Џемал на Родопите и тешкотиите со кои се соочуваат поради прописите за одгледување животни.

Францускиот филм „Црешката на тортата“ ја доби наградата за најдобар филм за алпинизам, истражување и авантура, а американскиот „Планините на Месечината“ е награден за реализација во екстремни услови. За најдобар краток филм е избран 14-минутниот „Бело знаме“ од Курдистан, додека наградата на Општина Банско му припадна на австрискиот филм „Реквием во бело“.

Слични Објави