Бугарија ќе вложи речиси 100 милиони евра за проекти во северозападниот и јужниот дел на земјата
За проекти во Северозападниот регион на Бугарија се предвидени 39 милиони евра, а за Јужниот централен регион – речиси 59 милиони евра. Средствата се обезбедуваат преку програмата „Развој на регионите“ за периодот 2021–2027 година, со која раководи бугарското Министерство за регионален развој и просторно уредување, јавува БГНЕС.
Во Враца се планираат набавка на електрични автобуси, обнова на пешачката зона и изградба на повеќенаменската спортска сала „Арена Враца“. Во Монтана ќе се обнови Драмскиот театар „Драгомир Асенов“, а за помалите населени места ќе се обезбеди мобилна амбуланта. Предвидени се и мерки за заштита од поплави по течението на реката Скат.
Во општините Хасково, Харманли и Свиленград се планирани 11 проекти што опфаќаат обнова на болници, училишта, јавни објекти и општински патишта, како и изградба на велосипедски патеки и паркиралишта со станици за полнење електрични возила. Предвидени се и центри за социјални услуги, социјални станови и спортска сала во Свиленград.
