Бугарија има доволно гас, а складиштето во Чирен е пополнето околу 72 отсто
Бугарија има обезбедено доволно природен гас и нафта, а енергетскиот систем е подготвен да ги издржи потресите на меѓународните пазари, изјави бугарската министерка за енергетика Ива Петрова во интервју за бТВ, пренесува БГНЕС.
Според Петрова, подземното складиште за гас во Чирен е пополнето околу 72 отсто, а европскиот просек изнесува 69 отсто. На 1 ноември пополнетоста во Чирен изнесувала нешто над 83 отсто, додека просекот во ЕУ бил 74 отсто.
„Нашиот енергетски систем е подготвен и ќе ги издржи овие искушенија“, рече Петрова. Таа посочи дека електраните ги завршиле планираните ремонти, преносните и дистрибутивните мрежи се подготвени, а извршени се проверки и во топлификациските претпријатија. Според неа, Бугарија располага и со механизми за надомест на трошоците за домаќинствата и за стопанството.
