Дакота Дичева: Иако мајка ми е Англичанка, се чувствувам речиси целосно како Бугарка
Светската ММА-ѕвезда Дакота Дичева им се обрати на новинарите на официјалната прес-конференција пред MAX FIGHT 67, јавува БГНЕС. Таа е специјална гостинка на гала-вечерта во Бургас, но сакаше вниманието да го насочи кон борците што ќе настапат.
„Не зборувам многу добро бугарски. Ви благодарам на сите. Голема чест ми е што сум тука. Бугарија ми значи многу бидејќи сум половина Бугарка. Не сакам да зборувам многу за себе. Сакам да зборуваме за борците што ќе настапат на гала-вечерта. Да им дадеме збор на момците“, рече Дичева на бугарски, иако не беше сосема сигурна во своето познавање на јазикот.
Дичева зборуваше и за своите бугарски корени и за тоа колку тие влијаеле врз нејзиниот идентитет.
„Многу сум возбудена и благодарна за вниманието што ми го покажувате секој ден. Мајка ми е Англичанка, а татко ми е Бугарин, но јас се чувствувам речиси целосно како Бугарка.
Продолжувам да напредувам. Тренирав со Билјана Дудова, која е врвна борачка. Разменуваме искуства и така си помагаме една на друга.
На децата што се занимаваат со боречки спортови им порачувам да продолжат да тренираат, да останат дисциплинирани и да не се откажуваат.“
„Ме радува кога гледам колкав интерес покажувате. Мило ми е што можам да придонесам и се надевам дека интересот за боречките спортови во Бугарија ќе расте. Не сакам да се пишува само за мене. Сакам медиумите да ги следат и другите спортисти и тие да го добијат вниманието што го заслужуваат. Јавноста треба да ги запознае сите шампиони“, рече Дичева на англиски.
