|

Груби не побегна, рече Ахмети за поранешниот вицепремиер кој се бара со меѓународна потерница

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, ја коментираше ситуацијата со бегството на поранешниот вицепремиер во Владата , Артан Груби, кој се наоѓа на црната листа на САД за корупција, а против кого е распишана и меѓународна потерница.

Тој изјави дека Груби се наоѓа на албански простор, но без да даде конкретни информации за неговата локација. Ахмети додаде дека, сепак, правдата не треба да биде селективна и одмаздничка, нагласувајќи дека ДУИ е против употреба на навреди и клевети за политички цели, пренесоа повеќе медиуми од Косово и Албанија.

„Не сум го сретнал Груби. Тој е добро. Секако дека е на албански простор, тоа е процес кој мора да има епилог. Тој не избега од Северна Македонија, подготвен е да се појави пред органите на правдата, да ги почитува законите, но не и кога има одмаздничката и селективна правда. Ние сме против селективна правда и употреба на навреди и клевети во дневно-политички цели, подготвени сме да одговориме во секој момент и побаравме да се направи ветинг во државата и да се отворат сите политички партии, да биде спроведена истрага за сите функционери“, рече Ахмети.

Груби е обвинет за проневера во Државна лотарија. Меѓу осомничените во овој коруптивен случај се поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами, а штетата се проценува на речиси 8,2 милиони евра. МВР за случајот поднесе кривична и за поранешниот премиер, Димитар Ковачевски, но засега тој не е опфатен со истрагата.

Првиот вицепремиер, Изет Меџити, минатата недела истакна дека Груби не е во Косово, туку во Албанија.



Слични Објави