Компанија на бугарски инженер со придонес во мисиите „Артемис“ на NASA
Компанија со седиште во Флорида, основана од бугарскиот инженер Петко Динев, учествува во мисиите „Артемис I“ и „Артемис II“ на NASA со изработка на високоотпорни камери, јавува БНТ.
„Ние учествуваме и сме партнери со НАСА веќе долго време – околу 20 години. Нашата прва камера беше одобрена за вселенски летови, а се очекува на сите мисии ‘Артемис’ да има наши камери“, вели Динев. Во двете мисии веќе биле користени осум камери кои го следеле движењето на ракетата до лансирањето на капсулата „Орион“.
Тој додава дека добивањето на договорот било тешко поради строгите стандарди, но тестирањата покажале висока издржливост на опремата. „Кога НАСА ги тестираше нашите камери, тие ги исполнија сите барања“, истакнува Динев.
Нов модел на камера веќе е развиен и ќе се користи во идни мисии, вклучително и потенцијални летови до Марс. Дел од производството е реализирано во Бугарија – корпусите се изработени во Пловдив, а електрониката е склопена и тестирана таму, додека и тимот во Флорида е составен од бугарски инженери.

