МИГРАНТИТЕ „ЗАГЛАВЕНИ“ НА ИТАЛИЈАНСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ ОБЈАВИЈА ШТРАЈК СО ГЛАД
Мигрантите кои од понеделникот се наоѓаат „заглавени“ на бродот „Дичиоти“ на сицилијанскиот брег Катанија на италијанското крајбрежје објавија штрајк со глад, соопшти во петокот сенаторот од опозициската Демократска партија на Италија Дејвид Фараоне.
„ Добив информација од капетанот дека на бордот се создала напната ситуација, мигрантите почнале штрајк со глад. Покрај тоа, солидарните посети и проверките на условите за живот на бродот се забранети поради безбедносни причини”, напиша тој на Твитер.
Морнарите од „Дичиоти“ на 15 август спасија 177 мигранти кои претрпеле бродолом во територијалните води на Малта во Средоземното Море. Кога италијанците побараа од властите на Малта да дозволат спасување на луѓето на едно од пристаништата на оваа островска држава, Валета одбила. После тоа, „Дичиоти“ остана пет дена во водите околу италијанскиот остров Лампедуса во очекување на дозвола од Рим да се укотви. Дури во понеделникот бродот доби дозвола и ги донесе луѓето во Сицилија.
Сепак, министерот за внатрешни работи на Италија и заменик-премиер Матео Салвини не дале дозвола за укотвување на бродот на италианскиот брег и побарале да се изнајде решение за овој проблем на европско ниво. Односно употреба на практиката на ЕУ, мигрантите да се распределат помеѓу земјите членки. Ако ова не се случи, Италија се заканува дека ќе ги врати мигрантите назад од кај што се дојдени.

