| |

Близу 150 бугаристи од 20 земји ќе се соберат на форум во Софија

Близу 150 истражувачи, наставници и стручњаци од 20 земји ќе учествуваат на меѓународниот форум „Бугаристиката во современиот свет – проблеми и предизвици“, соопшти Бугарската академија на науките (БАН), пренесува БТА.

Свеченото отворање ќе се одржи на 26 ноември во 10 часот во салата „Проф. Марин Дринов“ на БАН. Форумот ќе трае до 28 ноември, а сесиите ќе се одржуваат во БАН, на Софискиот универзитет и во Националната библиотека „Св. Кирил и Методиј“. Меѓу земјите од кои доаѓаат учесниците се Австрија, Велика Британија, Германија, Кина, Полска, Романија, Србија, Турција, Украина и Франција, наведуваат од Академијата.

Научните трудови се распоредени во четири тематски целини. Првата е посветена на јазикознанието, втората на науката за книжевноста, а третата ги опфаќа историјата, етнологијата, антропологијата и културната размена. Четвртата се однесува на бугаристиката во странство и на применетата бугаристика.

На форумот ќе бидат претставени и нови дигитални образовни ресурси изработени во рамките на програмата. Посебно внимание ќе им биде посветено на предлог-стандардите за настава по бугарски јазик како странски или втор јазик и на бугарскиот превод на дескрипторите од Заедничката европска референтна рамка за јазиците.

Придружната програма вклучува панел на кој лектори по бугарски јазик од универзитети и училишта во странство ќе зборуваат за своите искуства и за предизвиците во наставата. На посебен панел ќе бидат претставени книги од странски бугаристи објавени во рамките на програмата.

Форумот се организира во рамките на Националната научна програма „Развој и афирмација на бугаристиката во странство“, која, со одлука на бугарската влада, ја финансира Министерството за образование и наука на Бугарија. Програмата ја спроведува национален конзорциум во кој БАН е корисник на средствата. Партнери се Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, Великотрновскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Пловдивскиот универзитет „Паисиј Хилендарски“, Шуменскиот универзитет „Епископ Константин Преславски“ и Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“.

Слични Објави