Бугарија стана полноправна членка на Европската лабораторија за молекуларна биологија
Бугарија стана полноправна членка на Европската лабораторија за молекуларна биологија (European Molecular Biology Laboratory – EMBL). Ова е важен чекор за развојот на бугарската научна заедница во областа на науките за животот и за зацврстувањето на улогата на Бугарија како активен учесник во европскиот истражувачки простор, соопшти бугарското Министерство за образование и наука (МОН) на својата веб-страница, пренесува БТА.
На 74. редовна седница на Лабораторијата во Рим, државите членки едногласно ја примија Бугарија како 30. полноправна членка. На седницата учествуваше бугарска делегација предводена од заменик-министерот за образование и наука, академик Николај Витанов. Тој се сретна со генералниот директор на Лабораторијата, професорот Ентони Хајман.
Пристапувањето кон EMBL им отвора нови можности на бугарските истражувачи, овозможувајќи им пристап до врвна научна инфраструктура, стручни знаења, меѓународни истражувачки мрежи и програми за обука и размена, изјави академик Витанов, како што пренесе МОН. Според него, членството создава услови за поблиска соработка со етаблирани европски научни тимови и за учество во истражувања посветени на глобалните предизвици во областа на молекуларната биологија и науките за животот.
Полноправното членство во EMBL е вложување во иднината на бугарската наука, истакна заменик-министерот. Се очекува со членството бугарските научни организации да станат попрепознатливи и поконкурентни на меѓународно ниво, да се развие научниот потенцијал на земјата и да се отворат нови можности за пренос на знаења, технологии и иновации.
За бугарските научници, докторанти и млади истражувачи ова е можност да го развиваат својот потенцијал, да разменуваат знаења и идеи, да учествуваат во заеднички научни иницијативи и да работат со високотехнолошки платформи и современи истражувачки методи.
Европската лабораторија за молекуларна биологија е водечка меѓувладина научна организација која обединува истражувачи од различни земји и спроведува фундаментални и иновативни истражувања во областа на молекуларната биологија. Членството им овозможува на државите да учествуваат во управувањето со организацијата, како и во нејзините програми и научни активности.
Во Рим бугарската делегација се сретна со генералниот директор на Лабораторијата, професорот Ентони Хајман.
Бугарски делегати во Лабораторијата се доц. д-р Стојно Стојнов, директор на Институтот за молекуларна биологија при Бугарската академија на науките, и Микаела Станчева, главна експертка во Дирекцијата за наука при МОН.
