Во Џакарта е осветена бугарската православна капела „Св. Георги“
Со одлука на Светиот синод на Бугарската православна црква, митрополитот Антониј ја освети капелата „Св. Георги“ во Џакарта, јавува 24 часа. Капелата е основана на иницијатива на бугарската амбасадорка во Индонезија, д-р Тања Димитрова, и е единствениот активен бугарски православен храм во Азија надвор од Истанбул.
Капелата ќе ѝ служи на бугарската заедница во Индонезија за молитва, богослужби и заедничко одбележување на христијанските празници. На свеченоста Димитрова им се заблагодари на дарителите и на сите што помогнале во нејзиното основање. Митрополитот Антониј зборуваше за значењето на верата и за улогата на храмот како место каде што верниците се собираат на молитва и наоѓаат духовна поткрепа.
На осветувањето присуствуваа бугарскиот заменик-министер за туризам Георги Тодоров, амбасадори, претставници на дипломатскиот кор и членови на бугарската заедница во Индонезија.
