Веселин Георгиев: Добруџа може истовремено да биде и житницата и енергетското срце на Бугарија
Данската компанија „Јуропиан енерџи“ планира да вложи околу 200 милиони евра во три ветерни парка во областа Добрич, во североисточна Бугарија, изјави Веселин Георгиев, директор на компанијата за Бугарија, во интервју за бугарскиот весник „24 Часа“.
Компанијата работи на проектот од 2022 година, а постапките за добивање дозволи влегуваат во завршна фаза, рече Георгиев. „Нашата цел е до 2030 година да почнеме со производство на чиста електрична енергија“, додаде тој.
Во првите пет години компанијата планира да отвори околу 200 работни места. За изградбата ќе бидат потребни градежни работници, возачи, електротехничари и инженери, а за работењето и одржувањето на парковите се предвидуваат и постојани вработувања. Георгиев рече дека компанијата сака да вклучи локални фирми и да соработува со средните стручни училишта во обуката на младите.
За поддршка на локалните заедници, „Јуропиан енерџи“ планира годишно да издвојува еден отсто од приходите, односно околу 1,5 милиони евра, според процената на Георгиев. Меѓу предложените мерки се поддршка за училиштата, стипендии и подобар пристап до здравствена заштита. Во утврдувањето на приоритетите ќе бидат вклучени жителите, општините и локалните организации.
Според Георгиев, жителите на Добруџа најчесто прашуваат за користењето на земјоделското земјиште, бучавата и влијанието на турбините врз здравјето и природата. Како пример ги посочи Каварна и Шабла, каде што земјоделците продолжуваат да ја обработуваат земјата во близина на ветерните паркови.
„Сакаме земјата и понатаму да раѓа, луѓето да живеат спокојно, а ветерот да ѝ носи дополнителни приходи и придобивки на Добруџа“, рече Георгиев.
