| |

Се испитуваат можностите за бугарско производство на HIMARS и Javelin за пристап до европските средства за вооружување

Повеќецевен ракетен систем како американскиот HIMARS наскоро би можел да има делови и вооружување со ознаката „Произведено во Бугарија“. Тоа би им помогнало на американските производители на оружје да добијат дел од средствата од европските фондови за модернизација на одбраната.

Во последните недели претставници на „Локхид Мартин“, производителот на HIMARS, покажале интерес за бугарски компании, дознава бугарскиот весник „24 Часа“. Американската компанија бара потенцијални добавувачи меѓу бугарските производители на компоненти и муниција.

Според информациите на „24 часа“, делегација на „Локхид Мартин“ ја посетила Бугарија во ноември и издвоила околу 15 бугарски компании како можни партнери. Меѓу нив има и приватни и државни компании кои работат во областа на интелигентните дронови, термовизиските камери, муницијата и оптиката.

Како што наведува весникот, според правилата на ЕУ, за да може набавката за модернизација на армијата да се финансира преку европските програми, најмалку 65 отсто од производството мора да биде европско. Тоа е едно од главните барања на кредитниот механизам SAFE, преку кој Бугарија добива 3,3 милијарди евра. Преку овој механизам бугарската армија финансира девет големи проекти за модернизација, меѓу кои и набавката на повеќецевен ракетен систем што ќе ги замени застарените советски системи „Град“.

Бугарската армија првично планирала да го набави системот HIMARS, кој, според весникот, покажал многу добри резултати во Украина. Меѓутоа, поради барањата на SAFE, армијата се откажала од американските системи и се определила за EuroPULS, германската верзија на израелскиот систем PULS. Израелската страна ѝ доделила лиценца за производство на германската компанија KNDS.

Бугарската влада планира да се приклучи кон нарачката на Бундесверот за 500 системи EuroPULS, од кои Бугарија ќе нарача 12 за околу 350 милиони евра. Според „24 часа“, договорот е во завршна фаза и се чека германскиот парламент да го ратификува договорот на Бундесверот.

Слични Објави