Ново научно издание ги обединува археолошките откритија од две децении истражувања во средновековниот град Русокастро во Бугарија
По повод 20-годишнината од почетокот на археолошките истражувања на Русокастро во Бугарија, од печат излезе првиот том од научната едиција „Археолошки и историски истражувања на средновековниот град Русокастро“, соопшти Регионалниот историски музеј во Бургас, пренесува БТА. Изданието ги обединува резултатите од истражувањата на локалитетот од 2006 година до денес и за првпат на едно место претставува значителен дел од научните трудови посветени на неговата историја, архитектура и археолошки наоди.
Приредувач на томот е д-р Милен Николов, директор на Регионалниот историски музеј во Бургас и научен раководител на археолошките истражувања во Русокастро. Автори на трудовите се Васил Мутафов, Георги Рибаров, Дијана Фартунова, Здравка Георгиева, Константин Тотев, Милен Николов, Николај Канев, Николај Овчаров, Росица Христова и Цоња Дражева.
Изданието има 580 страници, објавено е на бугарски и на англиски јазик и е богато илустрирано со фотографии и графички прикази. Неговото официјално претставување пред јавноста допрва следува.
Книгата содржи три студии и 18 статии и соопштенија. Вкупно 21 научен труд е распореден во шест тематски целини – „Тракиска археологија“, „Археологија на Првото Бугарско Царство и на средновизантискиот период“, „Археологија на Второто Бугарско Царство“, „Историја“, „Нумизматика и сфрагистика“ и „Археозоологија“.
Меѓу трудовите има истражувања посветени на иконата од слонова коска, пронајдените монети и печати, остеолошкиот материјал и архитектурата на цитаделата и на градскиот влез. Обработени се и наоди од периодот на Првото Бугарско Царство, меѓу кои украси од војнички појаси и амулет со знаци слични на руни.
Предмет на истражување се и ампула за миро од Солун, цртежи на бродови изведени како графити, утврден премин со кула-бунар, монограми нанесени под глазурата, тракиска обредна керамика и коска за гатање според кинески обичај.
Бугарската телеграфска агенција (БТА) потсетува дека меѓу археолошките наоди во Русокастро се оловниот печат на бугарскиот владетел цар Петар, откриен во 2014 година, и бронзениот печат во форма на пирамида, откриен во 2022 година. При истражувањата во 2023 година археолозите открија монументален тврдински ѕид долг 70 метри, изграден во VI век.
Во 2024 година беа откриени два гроба на мали деца од крајот на XIV век. Кај едниот од нив се утврдени отстапувања од вообичаениот христијански погребен обред.
Меѓу поновите наоди се две кули кај југозападниот тврдински ѕид, целосно зачувана железна мамуза и 17 керамички садови пронајдени во објект до тврдинскиот ѕид.
Во септември годинава археолозите соопштија дека откриле и траги од обработка на стакло и од производствена дејност во градот од XIII и почетокот на XIV век. Според стручњаците, наодите сведочат за значењето на Русокастро како градски производствен центар во средниот век.
