| |

Претседателката на бугарскиот парламент Михаела Доцова и патријархот Даниил отворија добротворна изложба за поддршка на детските болнички одделенија

Претседателката на бугарскиот парламент, Михаела Доцова, и бугарскиот патријарх и софиски митрополит Даниил денеска во Народното собрание на Бугарија ја отворија традиционалната добротворна изложба-базар за поддршка на детските болнички одделенија. Изложбата заеднички ја организираат Светиот синод на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија и Народното собрание, соопштува БТА.

На отворањето присуствуваа и врачанскиот митрополит Григориј, видинскиот митрополит Пахомиј, мелничкиот епископ Герасим, главен секретар на Светиот синод, како и пратеници, свештеници, директори на болници и училишта и ученици наградени на годишниот национален конкурс на Синодот „Мојот небесен заштитник, мојот православен храм“.

Иницијативата е продолжение на кампањата на Светиот синод „Деца цртаат за деца“, во чии рамки се продаваат наградените творби. Со собраните средства им се помага на болни деца во Бугарија на кои им е потребна помош, како и на нивните лекари и родители. Преку детското творештво на православни теми, кампањата ги запознава младите со христијанските добродетели и истовремено ги поддржува педијатриските одделенија во општите болници во Видин, Враца и Ловеч.

„За мене е задоволство и одговорност денеска да ја отворам изложбата ‘Деца цртаат за деца’. Оваа добротворна изложба е организирана по идеја и под покровителство на Бугарската православна црква“, рече Доцова. Таа додаде дека на 5 октомври присуствувала на официјалното отворање на изложбата наменета за поддршка на педијатриските одделенија во Видин, Враца и Ловеч. Доцова се присети дека најубавите зборови на отворањето ги кажал ловчанскиот митрополит Гавриил и изрази сочувство по повод неговото упокојување.

„Денеска сме собрани овде затоа што на официјалното отворање со патријархот Даниил разговаравме колку би било добро изложбата да се претстави и во Народното собрание, во зградата во која заседаваат народните избраници. Сите овие цртежи се дело на деца кои ја нацртале својата црква, својот архангел чувар или својот светец заштитник. Од пораките што децата ни ги упатуваат преку своите цртежи можеме да научиме секогаш да ги бараме довербата и вистината во човекот, во Бога и во црквата и да веруваме дека можеме да бидеме подобри.

Ние, возрасните, можеме многу да научиме од децата, а една од најважните работи на кои нè учат е добрината. Од нив можеме да научиме и да простуваме, зашто децата најлесно простуваат. Како возрасни, имаме одговорност да им дадеме пример со својата смиреност, чесност и однос кон другите“, рече претседателката на Народното собрание.

Доцова им се заблагодари на пратениците од сите пратенички групи што дошле заедно да ја отворат добротворната изложба „Деца цртаат за деца“ во парламентот. „Да учиме од мудроста и искреноста на децата и секогаш да се грижиме за нив“, порача таа.

Патријархот Даниил му изрази срдечна благодарност на Народното собрание што втора година во парламентот се изложуваат наградените творби од конкурсот на Светиот синод. Потсети дека од 2014 година наваму конкурсот се одржува на различни теми, а годинашната е „Мојот небесен заштитник, мојот православен храм“.

Децата не можат да го затајат или да го скријат она што го носат во себе. Тие го изразуваат непосредно и низ годините покажаа како го доживуваат она што го учат во неделните училишта и на часовите по православна веронаука, истакна патријархот. Тој рече дека автори на творбите се ученици од први до дванаесетти клас и дека од нивните дела може да се види како децата ја разбираат својата православна вера.

„Убеден сум дека ни се потребни вакви деца и дека државата треба да се погрижи што повеќе деца да добијат можност да се запознаат со вистините на традиционалната вероисповед во Бугарија. На добротворните изложби што ги организира Светиот синод може да се купат детски творби и така да им се помогне на други деца на кои им е потребна помош.

Минатата година околу 20.000 лева беа донирани на Детското одделение за уво, нос и грло при Универзитетската болница ‘Царица Јоана – ИСУЛ’. Во претходните години имаше можност да се набават опрема и двојни кревети за придружниците на децата што се лекуваат таму. Годинава Светиот синод одлучи средствата собрани од оваа добротворна изложба да се поделат на три еднакви дела меѓу детските одделенија во болниците во Видин, Враца и Ловеч“, објасни патријархот Даниил. Тој додаде дека годинава се доставени повеќе од 1.350 творби.

Патријархот се осврна и на делото на ловчанскиот митрополит Гавриил и истакна дека изложбата е посветена и на неговиот спомен.

На денешното отворање директорите на болниците во Видин и Ловеч им се заблагодарија на организаторите за изложбата и за поддршката што ја добиваат преку иницијативата. Собраните средства ќе се искористат за реновирање, набавка на медицинска апаратура и лекови, појаснија од Бугарската патријаршија.

Слични Објави