|

АФП: Нови насилни судири меѓу демонстранти и поддржувачи на владејачката партија во Србија

Политичката криза и протестите кои со месеци ја потресуваат Србија ескалираа во судири помеѓу демонстранти и поддржувачи на Српската напредна партија (СНП) на претседателот Александар Вучиќ. Синоќа, како што јавува АФП, повторно се забележани сцени на насилство, пренесува БГНЕС.

Во Нови Сад, демонстрантите ги скршија прозорците на седиштето на СНП, фрлаа јајца и боја врз фасадата на партиската зграда. Протести се одржаа во околу триесет градови, како реакција на претходните судири во кои беа повредени десетици лица. Според сведоци, повеќето од учесниците во насилството носеле качулки, а полицијата не интервенирала.

Во Белград, демонстрантите се собраа пред Владата и Генералштабот, но беа задржани на дистанца од силен полициски кордон поставен околу седиштето на СНП.

По синоќешните настани, двете страни меѓусебно се обвинија дека сакаат да предизвикаат граѓанска војна. Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека се повредени над 70 граѓани, 27 полицајци и седум припадници на елитната воена единица „Кобра“, задолжена за заштита на највисоките политички лидери. Приведени се околу педесет лица.

Демонстрациите почнаа во ноември 2024 година, по трагедијата на железничката станица во Нови Сад, кога се урна натстрешница и загинаа 16 лица. Протестите се водат главно од студентски групи, кои го обвинуваат системот за корупција и бараат предвремени избори. Иако имаше промени во владата и смена на премиерот, претседателот Вучиќ одбива да распише избори, тврдејќи дека станува збор за странска конспирација за рушење на актуелната власт.

Група експерти на ОН неодамна ги повика српските власти да ги запрат, како што рекоа, зголемените репресии врз активистите.



Слични Објави